Македонија
21. August 2017 - 15:32

Тоневски: Во Пробиштип за четири години реализирани 160 инфраструктурни проекти

Во изминатите четири години во Пробиштип се реализирани повеќе од 160 проекти, најголем дел од нив се дел од Програмата за работа на општината, но дел од нив се и на барање на граѓаните, истакна на денешниот отчет  градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски.

Тој забележа дека пред осум години  Општината беше  со блокирана сметка и буџет од 20 милиони денари, а сега рударската општина Пробиштип е со годишен буџет од 200 милиони денари, подмирени обврски и лидер во регионот по реализираните инфраструктурни проекти.

- Најголемите инвестиции во вредност од над 205 милиони денари беа во подобрување на патната инфраструктура. Изградивме односно реконструиравме 97 улици и патишта во вкупна должина од 27 км. Го реконструиравме преостанатиот дел од локалниот пат Пробиштип село Ратавица, извршивме реконструкција на локалниот пат до село Бунеш, ги асфалтиравме улиците во Злетово, Добрево, Ратавици, ги асфалтиравме сите улици во населбата Камењар, асфалтиравме во населбата Калниште, во населбата Пробиштип, ги реконструиравме сите поважни улици во централното градско подрачје. Во делот на уличното осветлување, бројот на поставени сијалични места е зголемен речиси за двојно, односно од 900 сега имаме повеќе од 1600 сијалични места, од кои најголем дел се со енергетско ефикасни светилки, рече Тоневски.

Во изминатиот период сменети се 3.900 водомери во Пробиштип и Злетово, а решени се и проблемите со водоснабдување во селата Лесново, Бунеш,Трооло, Кундино и Неокази, за што општината инвестираше околу 15 милиони денари.

- Пробиштип доби нов, модерен, покриен градски пазар во кој вложивме околу 75 милиони денари. За прв пат доби и градска капела. Пробиштип доби нов градски парк дополнет со нови спортски терени. Покрај постоечкиот, Пробиштип го добива и секундарниот градски плоштад, за чија изградба обезбедивме донација од 12 милиони денари. Домот на културата со донација од 158.000 евра станува енергетски ефикасен објект, а деновиве започнува и реконструкцијата на кровот и фасадата на Домот на културата во Злетово, рече Тоневски.

Во измиантите четири години локалната власт инвестираше и во градинките и училишта, реконструиран е и единствениот затворен базен во источниот регион, а исто така изградени или санирани се повеќе спортски објекти во Општина Пробиштип. Тоневски подвлече дека имаат и низа инвестиции за развојот на туризмот во Лесново, каде е познатиот Лесновски манастир, но и во ски центарот Пониква.

-Истовремено, големо внимание посветивме и на создавање услови за развој на локалната економија. Оформивме три  нови индустриски зони. Во моментот ја градиме потребната инфраструктура во две од нив. На мое големо задоволство во првата индустриска зона оформена уште во претходниот мандат, веќе се изградени и успешно работат голем број индустриски капацитети од различен вид, вели Тоневски.

Пробиштипскиот градоначалник во денешниот отчет за реализираните проекти подвлече дека во изминатите четири години најголем дел од проблемите на жителите на Пробиштип се решени.