Македонија
1. April 2026 - 16:35

Тешки сведоштва за насилството врз Ивана и Катја

Полицијата им сугерирала на Ивана и Стојанче сами да си го решат проблемот, на денот кога таа се самоуби, а неколку часа претходно го пријавила дека ја тепа. Но дента го пријавила уште еднаш, полицајците и укажале дека повторно пријавување може да резултира со кривична одговорност за лажна пријава.

Денеска сведочеше Мартин Саздов кој бил со жртвата и обвинетиот Јовановски на втори март, на сите локации каде тој ја тепал, но и кога таа се фрли од шести кат заедно со нејзината ќерка. Ивана повикала полиција пред Кривичниот суд, каде сите тројца биле заедно, по неколку часовно тепање од нејзиниот сопруг, но и закани по нејзиниот живот.

Имаше многу навреди додека да дојде полицијата. Кога дојдоа ја тргнаа Ивана на страна, разговараа со неа. Потоа го тргнаа и Стојанче, разговараа и со него. Полицајците им ги вратија личните карти и им рекоа на двајцата “решете си го проблемот”.

Сведокот Саздов ги одвел Ивана и обвинетиот до нивниот стан таа да се спакува. Дури ја чекале со Јовановски доле, таа скокнала со нејзиното дете од шестиот кат.

Му заѕвоне Ивана на Стојанче дури бевме доле, нешто збореа, а Стојанче кога спушти го стави телефонот во џеб и кажа дека ништо не ја разбрал. Јас претпоставувам дека му кажала дека ќе направи такво нешто, а тој го стави телефонот на нечујно. Ивана ми се јави мене и побара Стојанче да и се јави на камера. Тој и ѕвонеше, јас ѕирнав што се случува во телефонот и ја видов Ивана како стои со Катја во рацете на тераса и одма сфатив што ќе направи. И викнав- “Ивана немој да си направила глупост” и истрчав кон влезот кога слушнав силен удар. Ја видов Ивана во крв како лежи и почнав да трчам назад да видам дали Катја е горе, но се сетив дека е заклучено и се вратив назад да ја барам, тогаш ја видов до Ивана. Веднаш почнав да викам по Брза помош. Стојанче истрча накај главната улица и не сакаше да ги види.

Саздов му бил другар на обвинетиот и работеле заедно, а се дружеле и со Ивана. Другарството завршило откако дознал дека Стојанчe се гледа со неговата девојка. Сведокот кажа дека Ивана започнала бракоразводна постапка откако Јовановски ја претепал и ја оставил на автопат во Штип со нивното дете зошто ја згрешила навигацијата.

Според сведочењата на Саздов, обвинетиот се дрогирал, а ја присилувал и Ивана на истото. Бидејќи знаел дека ја тепа, во еден наврат отишол во полициската станица Пролет да го пријави, а отаму го избркале со прашањето кој си ти да пријавуваш?

Судењето продолжув утре, ќе сведочи братот на жртвата, сосетка од зградата каде живееле  и наставничка од училиштето каде учело нивното дете.