Судски совет: Недостиг на судии и заостанати предмети во судовите ширум земјава

Судскиот совет на денешната 531. седница ги разгледа извештаите за работата на судовите за третиот квартал од 2025 година, кои покажуваат дека судовите ширум земјава и понатаму се соочуваат со значителен број на заостанати предмети, како и со недостиг на судии и судски службеници.
Како што беше посочено од страна на членот на Советот, Антоанета Димовска, основните судови во Прилеп, Ресен и Делчево се оценети како ажурни, додека судовите во Струга, Штип, Берово, Виница, Радовиш, Свети Николе и Струмица имаат значителни заостанати предмети и недостиг на судии. Основниот суд Струмица е со најголем број - вкупно 817 заостанати предмети.
Членовите на Советот нагласија дека речиси сите судови во државата се соочуваат со идентичен проблем, а тоа е недостиг на судии и судска администрација.
Членот на Советот, Ивица Николовски, предупреди дека долготрајната нефункционалност на системот ја намалува довербата на граѓаните и ја отежнува испораката на навремена и квалитетна правда.
Николовски повика на суштински разговор со Министерството за правда за заедничко надминување на системските слабости, подобрување на ресурсите и ревидирање на судската мрежа.
За решавање на наталожените проблеми, Николовски порача дека потребна е политичка волја и координација на сите три власти, нагласувајќи дека „долгата правда не е праведна“ и дека без вистински ресурси и нормативни решенија судството не може да ги исполни европските стандарди.
Советот донесе и одлука за продолжување на мандатот на 14 судии кои поднеле изјава за продолжување на судиската функција.
На седницата беше истакнато и дека огласите за избор на претседатели на основните судови во Берово, Делчево и Радовиш ќе бидат повторно распишани, бидејќи по претходниот конкурс не се јавил ниту еден кандидат.
Советот, исто така, донесе одлука за објавување оглас за избор на претседател на Управниот суд, како и за избор и разрешување судии-поротници во Основниот суд Берово, а по барање на судија на Основен граѓански суд Скопје, беше донесена и одлука за мирување на судиската функција.
МИА
Ново на Сител
-

Учениците од утре на настава - едносменска во 620 училишта
-

Големо намалување на цената на дизелот од полноќ, бензинот поскапува
-

51 инфлуенсер, луксузни хотели и забави: Ќерката на Орбан потрошила 8 милиони евра јавни пари за инфлуенсерска кампања
-

Бидете дел од новата сезона на Сител: Пријавете се за учество во „Се или Нешто“, „Брза Кујна“ или „Листа за 300“
-

ВМРО-ДПМНЕ воведува прв дигитален процес на зачленување
-

Од утре нови правила на Скопскиот аеродром: Само еднаш дневно ќе може бесплатно да влезете со автомобил
-

Вишото јавно обвинителство наложи продолжување на истрагата против Капушевски и Јахоски за случајот „Мазут“ тежок 167 милиони евра
-

3.000 евра казна за Србинот кој двапати возел над 160 км/ч кај Демир Капија
