Македонија
25. February 2026 - 20:01

Судење за „Пулс“

Со видливи изгореници на десната страна од главата и во компресивна облека, гитаристот на дуото ДНК, Горан Тонев, денеска сведочеше за кобната ноќ во дискотеката „Пулс“. Рече дека пожарот започнал над бината, се создал густ чад, а од плафонот почнале да паѓаат капки кои на телото оставале траги како изгореници од цигара. Првите минути од трагедијата ги опиша и Ана Костадиновска која вечерта настапувала како придружен вокал на бендот. Сведочеше дека чадот во дискотеката терал на спиење, а откако сите одеднаш се обиделе го напуштат објектот, останала заглавена меѓу вратите. И двајцата музичари во судницата рекоа дека често имало пиротехника на нивните настапи, но тие никогаш не виделе кој ја поставува ниту пак од кого е активирана.

„Во последните години на сите настапи имаше прскалки. Прскаа во мене, во опремата, никогаш претходно немаше проблем. Прскалките се пуштија на „Што сака нека биде“, погледнав нагоре и видов искри. Панчо рече да излеземе, но бевме бавни, не ја сфативме сериозно ситуацијата. Видов врата до бината, но беше заклучена“.

Првично, никој пожарот не го сфати сериозно, рече во судницата Алберто Миладинов кој ноќта на 16 март бил гостин во Пулс. Сметале дека огнот на плафонот е видео проекција, но откако се почувствувала силна топлина сите се упатиле кон влезот на дискотеката.

„Кога започна рефренот се вклучија прскалките и тогаш се запали дел од плафонот. Останавме на масата и снимавме, мислевме дека е некаква видео анимација. Дури кога пејачот повика да излеземе надвор, почнавме да се упатуваме кон излезот“.

Одбраната на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, денеска побара тој да биде префрлен во истражниот затвор во Скопје, бидејќи како што рече неговата адвокатка во кумановскиот затвор каде ја издржува мерката притвор со него се однесувале нечовечки и понижувачки.

Денешното судење започна со предлог за одложување, но, и прекин на целата судска постапка. Адвокатот Петре Шилегов рече дека за случајот се применуваат двојни аршини бидејќи за дел од полицајците, обвинителството одлучило дека нивните постапки немаат поврзаност со пожарот. Тој направи паралела и со куќниот притвор за Артан Груби.

Судот не дозволи одложување, а обвинителството рече дека тврдењата на одбраната не се однесуваат на тековниот судски процес. Регираа родителите, побараа одговорност за сите, без разлика дали и само со нивниот потпис придонеле да работи Пулс.

Судењето продолжува идната недела со распит на шестмина сведоци.