Македонија
17. December 2025 - 16:42

Советот на јавни обвинители утре ќе избира привремен наследник на Коцевски

Советот на јавни обвинители утре ќе избира привремен наследник на Коцевски. Седницата со единствена точка на дневен ред е закажана за во 11 часот.

По вчерашната оставка на Коцевски според Законот за јавни обвинители веќе тече и рокот и за избор на нов државен јавен обвинител. Огласот кој треба да го распише Собранието трае 15 дена. За сите пријавени кандидати Владата потоа треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители, кој има рок од максимум 30 дена да даде позитивна или негативна оценка за кандидатите. Владата има право да предложи кандидат само од оние кои добиле позитивно мислење, додека пак ако сите кандидати добијат негативно мислење, Собранието ќе треба да распише нов оглас. Право да се пријават ќе имаат јавни обвинители со најмалку 10 години работен стаж или судија кривичар.

На предлог на Владата, јавниот обвинител го избира Собранието, со мандат од 6 години и со право на повторно именување.

Од владејачката партија и денеска велат дека заминувањето на Коцевски е почеток на неселективна и навремена правда.

Оставката на Коцевски не е персонално туку системско решение и е јасна порака дека никој не е недопирлив. Дали тактизирањето со оставката на Коцевски се купуваше време за неговите наредбодавци? Дали е точно дека група обвинители на чело со Коцевски заташкуваат над 40 предмети за висока корупција на функционери од СДС и ДУИ? ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за независно, професионално и департизирано обвинителство, велат од партијата.

Коцевски пак кој вчера поднесе оставка пред да биде разрешен, до самиот крај остана на ставот дека владината иницијатива е политички мотивирана и правно неиздржана.

Премиерот Мицкоски пак претходно ги повика сите кои ги исполнуваат критериумите и кои сакаат правда да се пријават на огласот за наследник на Коцевски.