Бизнис
24. October 2016 - 13:57

Со стипении до квалитетни кадри во рудникот Саса

Рудникот Саса планира да изработи долгорочна програма за сипендирање студенти кои своето образование ќе го продолжат на рударскиот факултет, по што ќе се вратат на работа во рудникот во Македонска Каменица.

Стипендирањето млади стручни кадри, како што истакна Максим Прохоров, директор за развој и инвестиции во РОЦ „Саса“, ќе биде со цел да се поттикнат младите да се запишуваат на рударските насоки, од една страна, а од друга, тоа е инвестиција во иднината на рудникот и градење квалитетни кадри.

- Ние сериозно размислуваме да изработиме долгорочна програма, пред се, во соработка со Рударскиот факултет во Штип, бидејќи нашето искуство од кадрите што излегуваат од штипскиот факултет се многу позитивни, односно оттаму добиваме квалитетни инженери. Во рамките на нашите размислувања е и да се опфати средното стручно образование, бидејќи во Македонска Каменица има рударска насока, меѓутоа е слаб интересот, исто така на факултетот многу малку млади се запишуваат на подземна експлоатација, рече Прохоров.

Сепак, како што додаде, се уште се во фаза на анализа во која сакаат да вклучиме повеќе субјекти.

Рудникот Саса има искуство со стипендирање млади кадри. Во моментов со стипендирање од рудникот „Саса“ во рускиот град Екатеринбург на Факултетот за рударство, студираат четворица студенти од Македонија, тројца се од Македонска Каменица, а еден од Скопје.

- Овој рударски факултет е еден од најстарите и најпочитуваните во целиот свет. Тука студираат студенти од повеќе од триесет земји во светот. Стипендистите на Рудник „Саса“ имаат загарантирано вработување по завршување на школувањето. Инаку, овие наши стипендисти две години се веќе во Русија, освен теорија, таму стекнуваат и стручно знаење, а ова лето тие поминаа пракса на сите работни позиции во рудникот Саса, рече Прохоров.

Прохоров додаде дека покрај студентите во Русија, Рудникот инвестира и во веќе вработениот кадар. Неколку инженери станале магистри, а некои се на докторски студии, а во Рудникот Саса има околу 700 вработени.

Во Делчево и Македонска Каменица има мал интерес кај средношколците за запишување во средно стручно образование. Во Делчево во прехранбената и текстилната насока има само девет ученици, а истиот проблем е и во каменичката гимназија каде во стручната рударско-геолошка учат само девет ученици. Моментот на стипендирање ученици, од општините го посочуваат како поттик на ученици да се запишуваат во стручните насоки.