Свет
26. May 2016 - 11:12

Штајнмаер: ЕУ овој пат потешко ќе ги продолжи санкциите против Русија

Германија смета дека годинава многу потешко ќе оди продолжувањето на санкциите на ЕУ кон Русија заради „зголемениот отпор“ од страна на некои држави членки, изјави германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмаер.

-Знаеме дека е нараснат отпорот во ЕУ против продолжувањето на антируските санкции, рече германскиот министер за надворешни работи во интервју, што денеска беше лиферувано од балтичката агенција Би-Ен-Ес, на денот кога  Штајнмаер ја почна својата посета на Вилнус.

„Потешко од минатата година ќе стигнеме до заедничка позиција за ова прашање“, призна тој во предвечерието на својата кратка турнеја низ балтичките земји, кои стравуваат од Русија и ја критикуваат нејзината политика, посочуваат француските медиуми.

Европските санкции, кои ги опфаќаат банките, одбраната и енергетиката, завршуваат во јули. За нивното продолжување неопходно е консензуално гласање и затоа во текот на јуни ќе претстојат нови дебати за нив.

Според Штајнмаер, Берлин „напорно ќе работи за да се гарантира дека Европа ќе дејствува во единствен фронт“.

Евентуалното кревање на санкциите е „неразделно поврзано“ со почитувањето на Минските спогодби, кои се очекува да донесат мир во источна Украина.

Министерот не ги посочи конкретните држави, но Италија и Унгарија се најскептично настроени кон санкциите, додека Полска и балтичките земји инсистираат на продолжување на притисокот врз Москва.

Според Штајнмаер, Западот не може да го пренебрегне „прекршувањето на меѓународното право“ од страна на Русија, но НАТО треба повторно да побара дијалог со федерацијата.

- Имаме потреба од дијалог со Русија за да ја вратиме изгубената доверба и да го намалиме ризикот заради невнимание да бидеме вовлечени во ескалациската спирала, рече тој.