Македонија
25. May 2026 - 16:44

Семејно насилство: Статистиката расте, но се буди и свеста за пријавување

Додека за поголемиот дел од граѓаните продолжениот празничен викенд минува во знакот на одмор и релаксација, зад четирите ѕидови на неколку македонски домови се одвивала вистинска драма.

Последниот полициски билтен на МВР открива црна статистика дури пет лица беа приведени во само едно деноноќие под сомнение за семејно насилство. Физички напади врз сопружници, мајки, деца и блиски роднини, во неколку градови низ земјава, повторно го алармираа општеството.

Но, дали празниците се единствениот тригер за ваквите грозоморни слики? Од Кризниот центар Надеж кој веќе со години нуди засолниште и помош за жртвите, велат дека бројките не растат наменски поради продолжениот викенд. Статистичкиот скок на пријави во МВР има подлабока и парадоксално, попозитивна заднина подигнатата свест и охрабрувањето на жртвите конечно да проговорат.

„Нема зголемен број на повици само затоа што е продолжен викенд, туку генерално бројот е зголемен, за што потврдува и статистиката на МВР. Ова е резултат на тоа што е подигната свеста кај граѓаните за да пријавуваат насилство. Добро е што и со измените во Кривичниот законик мерките и казните се поголеми, па луѓето се охрабруваат да не молчат“, изјави Маја Ацевска, Кризен центар „Надеж“.

Кризниот центар „Надеж“ останува отворен 24 часа, седум дена во неделата. Нивната СОС линија често е првиот спас за оние кои се наоѓаат во безизлезна ситуација, а немаат храброст или знаење како директно да се соочат со институциите. 

Сепак, во последно време се забележува нов тренд кај жртвите и сведоците на насилство сè почесто се користи официјалниот државен број за итни случаи 112, што укажува на тоа дека граѓаните бараат брза, директна и институционална реакција на терен во моментот кога се случува кризата.

Пораката од експертите е јасна, семејното насилство не е приватна работа, туку кривично дело кое не смее да се премолчи.