Сељами: Неможноста за полагање правосуден и нотарски испит на мајчин јазик е дискриминација

Поднесена е иницијатива до Владата за законски измени кои ќе овозможат полагање на стручните испити на мајчин јазик, соопшти народниот правобранител Фатон Сељами, на денешната прес-конференција по повод Годишниот извештај за состојбата со обезбедувањето, почитувањето, остварувањето и унапредувањето на човековите слободи и права за 2025 година.
Одговарајќи на новинарски прашања, Сељами информираше дека по сопствена иницијатива отворил предмет и се обратил до Министерството за правда и до Државниот управен инспекторат во врска со полагањето на правосудниот, нотарскиот и испитот за извршители.
- Во врска со нашата иницијатива за измени и дополнувања на законите за полагање на стручните испити, правосудниот испит, нотарскиот испит и испитот за извршители, откако ја презентирав констатацијата, јас по сопствена иницијатива отворив предмет и се обратив до Министерството за правда, како и до Државниот управен инспекторат. По добиените службени одговори, констатиравме дека во постојните законски решенија што ја уредуваат оваа материја не постои можност за полагање на овие испити на друг јазик, различен од македонскиот. Од тоа констатиравме дека ова создава правни и практични проблеми за кандидатите кои не го знаат македонскиот јазик, а правните студии ги завршиле во прв и во втор циклус на албански јазик - изјави Сељами.
За надминување на оваа состојба, тој посочи дека институцијата Народен правобранител се обратила до Владата со конкретна иницијатива за хармонизирање на законите.
- За надминување на оваа ситуација, која веќе седум години постои поради неимплементирањето на Законот за употреба на јазиците, се обративме со конкретна иницијатива до Владата на Република Северна Македонија за измена и дополнување, односно за хармонизирање на законските решенија што ги уредуваат овие испити, односно да им се овозможи на кандидатите да ги полагаат овие испити и на нивниот мајчин јазик. Бидејќи сметаме дека, ако тоа не се овозможи, станува збор за дискриминација, односно индиректна дискриминација врз основа на јазик. Поради тоа, за конкретна практична примена се обративме до Владата на Република Северна Македонија со конкретни иницијативи - истакна Сељами.
Запрашан за условите во шелтер-центрите, за почитувањето на протоколите за заштита на жртвите од страна на социјалните работници и за претставките поврзани со семејното насилство, Сељами се повика на наодите од Годишниот извештај за 2025 година, нагласувајќи дека тој е на функцијата народен правобранител само два месеци.
- Јас не сум бил народен правобранител, ова е Годишен извештај за 2025 година, односно во тој период јас не сум бил народен правобранител. Меѓутоа, од она што имав можност да го добијам како информација од стручната служба, која може и подетално да ме извести, има точно такви претставки за семејно и родово базирано насилство. Имаме и иницијативи покренати од наша страна. Исто така, како што кажува и извештајот, не е доволен бројот на шелтер-центрите во државата. Треба да има поголем број, треба да има шелтер-центри во сите градови, за да им се овозможи на овие жртви да можат да се заштитат од родовото и семејното базирано насилство - рече Сељами.
Дополнително, на прес-конференцијата беа укажани примери каде што жртви на семејно насилство се транспортираат во видно обележани возила на центрите за социјална работа, со што се изложуваат пред околината и се соочуваат со дополнителни закани по животот. За ваквиот проблем, народниот правобранител кусо одговори дека сите забелешки се добредојдени и истите ќе бидат разгледани.
МИА
Ново на Сител
-

Променливо облачно со повремен локален дожд
-

Повторно раст на цените на нафтата
-

Основците по неколку часа на ден гледаат содржини на телефон, до осмо одделение речиси престануваат да читаат книги
-

„Онкологија“: Вештакот од Србија укажува на пропусти во лекувањето и недоволно следење на пациентите
-

Случај „Ивана и Катја“: Стојанче барал 30.000 евра за да се повлече од станот, сведочеше братот на Ивана
-

Иран погуби младо момче кое учествувало во антивладините протести
-

Почнува примената на новиот возен ред на ЈСП „Скопје“ за дел од автобуските линии во главниот град
-

Савески: Одлуката за отповикување на овластувањата на обвинителката Ристоска не беше персонална, туку е од организациска природа
