Македонија
29. September 2016 - 14:59

Седница за пратенички прашања во Собранието

Денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања досега помина во процедурални забелешки и во изјаснување на пратениците за одговорите што ги добиле во писмена форма. 

На самиот почеток на седницата по барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски беше даден еден час пауза. Димовски во процедуралната забелешка рече дека од денеска оваа седница може да се нарекува седница за мобинг и оти претставниците на власта имаат право да не одговараат на прашањата на пратениците и да ја напуштат седницата. Ова сознание, како што рече Димовски, го обелоденил еден специјален човек со специјална мисија. 

Во продолжението на седницата, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски обвини дека пратениците од парламентарното мнозинство прават се само на дневен ред да не дојде поставувањето на пратенички прашања.

Појаснувајќи писмен одговор од пратеник, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски оцени дека градежните работи за изградба на автопатите се одвиваат со планираната динамика и согласно предвидените рокови.

- Динамиката на автопатиштата во Македонија е добра. Самата бројка на градежни работници и механизација и работењето на терен може да се забележи со око и да се види дека Македонија е претворена во огромно градилиште, рече Мисајловски.

Тој додаде дека постојано се работи на автопатот од Кичево до Охрид каде на терен се ангажирани над 1.200 работници, додека за автопатот од Требеништа до Струга рече дека следната година треба да почне тендерската постапка за избор на изведувач.

- Проценета вредност е околу 45 милиони евра. Се работи со поддршка од меѓународните финансиски интитуции. Очекуваме дека во првиот квартал ќе започнеме со потребната постапка и ќе ги распишеме тендерите согласно меѓународните правила и ќе избереме компанија која ќе ја изгради оваа автопатска делница. Станува збор за нова траса од Требеништа до Струга, истакна Мисајловски.

Попладневниот дел од седницата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.