Бизнис
14. September 2016 - 10:39

Се нормализира продажбата на добиток на сточниот пазар во Облешево

По тримесечната пауза со работа на сточниот пазар во Облешево во општина Чешиново Облешево поради појавата на болеста јазлеста кожа, се нормализира состојбата со продажбата на добиток во регионот.

Сточниот пазар беше затворен три месеци или вкупно 14 пазарни денови, со што е направена голема материјална штета во работењето на КЈП „Облешево“ во износ од околу 300 илјади денари, истакнуваат од претпријатието кое што стопанисува со пазарот.

- Загубите се огромни и кај сточарите. Сега веќе трет пазар откако е пуштена продажбата на крупен добиток, состојбата полека но сигурно се нормализира. Сточарите на пазар со својата стока  редовно доаѓаат со потребната документација за ветеринарен преглед и вакцинација на истата, истакна Стевчо Николов, директор на комуналното претпријатие од Облешево.

Николов посочи дека очекува состојбата  да се стабилизира веќе во наредната недела, кога се очекува повеќе грла добиток да влезе во пазарот. Тој истакна дека доколку сточарите сакаат да продаваат своја стока на пазарот во Облешево, ќе треба со себе да понесат сертификат и потврда за вакцинација на добитокот, која не треба да биде постара 28 дена од последната вакцинација кај добитокот.