Свет
19. April 2016 - 8:42

Путин и Порошенко разговараа за ситуацијата во Украина и за судбината на Савченко

Претседателите на Русија и на Украина, Владимир Путин и Петро Порошенко телефонски разговараа за ситуацијата во југоисточниот дел на Украина и за судбината на украинскиот воен пилот Надежда Савченко, соопшти Кремљ.

- Во текот на разговорот е разгледана ситуацијата во југоисточниот дел на Украина и сегашната состојба на односите меѓу двете земји. Исто така, отворено е и прашањето за Надежда Савченко, како и за судбината на руските државјани Александров и Ерофеев. Претседателите се согласија во брзо време на Савченко да и биде обезбеден пристап до генералниот конзул на Украина во Ростов на Дон, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русите Александар Александров и Евгениј Ерофеев, уапсени на украинска територија во мај минатата година, се осудени вчера на 14 години затвор бидејќи војувале на страна на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.

Савченко минатиот месец е осудена во Русија на 22 години затвор поради соучесништво во убиство на двајца руски новинари во источниот дел на Украина.