Македонија
15. July 2016 - 15:44

Пуштена во употреба реконструираната улица „Романовска“ во кумановската населба „Тоде Мендол“

Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски во денеска ја пушти во употреба реконструираната улица „Романовска“ во населбата „Тоде Мендол“. 
 
За асфалтирање на улицата за површина од околу 2.000 метри квадратни од општинскиот буџет одвоени се еден милион и 500 илјади денари. И оваа активност, посочи тој, е дел од развојната програма на локалната самоуправа за тековно одржување на комуналната инфраструктура во градот.
 
- Во овој дел на градот наскоро ќе се завршат и улиците „Севдо Станковски“,„ Перо Илиевски“, „Перо Стојменовски“ така што 85 до 90 проценти од децениските комунални проблеми во овој дел на градот се решени.Станува збор за најгусто населено место во градот се организираме по пат на тековно одржување, бидејќи, овде имаме неплански делови од градот и тука ги адаптираме можностите на улиците, изјави Дамјановски.
 
Тој најави дека наредната недела ќе започне решавање на проблемот со канализационата мрежа во делот од населбата во близина на автопатот Куманово -Скопје, а ќе се реконструира и оштетената патна инфраструктура.
 
Од локалната самоуправа посочуваат дека продолжува  реализацијата на развојната програма,паралелно и во останатите делови од градот. Општина Куманово за тековно одржување на улиците во градот во летниот период планира да постави бекатон на близу 10.000  и да реконструира и асфалтира 30.000  метри квадратни површина.