Причина за смртност на новороденчињата не се само медицинските фактори

Квалитетното здравство меѓудругото значи и низок процент на смртност на новороденчињата. Високиот број починати новороденчиња, во последните неколку години, а посебно годинава на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје алармира дека е неопходно итно преземање суштински чекори, во насока на системски пристап и решавање на овој здравствен проблем.
Причина за смртност на новороденчињата, која ни е најголемиот проблем, не се само медицинските, туку и инфраструктурните фактори, вели директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство д-р Викторија Јовановска.
Клиниката, според неа, има недоволен просторен капацитет и е изградена во неа да може да се извршуваат од 3.500 до 4.000 породувања, а реално се вршат и по 6.000 породувања, а има и недостиг, како и застарена опрема, пренатрупаност на интензивната нега на Клиниката и недоволен број анестезиолози, педијатри, неонатолози, интензивисти..
- Претходно не ни беа достапни бројките за смртноста и ние всушност не бевме информирани за колкава бројка станува збор. Алармантна е смртноста на поголемите новородечиња, на кои секако би можело да им се даде шанса за живот, а можеби не сме имале адекватни услови поради тоа што сме имале помалку кадар, пренатрупаност на интензивната нега, која има капацитет за 22 до 25 новороденчиња, а бројката на дневно ниво се движи од 45 до 50 новороденчиња. Тоа претставува наш најголем проблем, истакна Јовановска.
За предвремени породувања пациентките од целата држава се упатуваат на ГАК
На времето се мислело дека недоносените новороденчиња по 500, 600 грама нема да преживеат и тие останувале по матичните установи, меѓутоа сега луѓето се информирани, бараат помош и сите предвремени породувања се случуваат на Клиниката, вели Јовановска. Според неа, поради тоа можеби бројката на предвремено починати новороденчиња е толку голема и фрапантна.
- Мораме се да направиме таа бројка да биде помала. Во оваа бројка се опфатени новороденчиња од 22-ра гестациска недела, па натаму до 36-та гестациска недела. Од 22-ра до 25-та или 26-та гестациска недела, па речиси и каде било во светот немаат многу големи шанси и да преживеат ќе бидат со многу секвели, вели Јовановска.
За затекнатата алармантна состојба на Клиниката таа го повикала Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор, за да се дадат рокови по кои ќе се водат и ќе можат законски интервентно да дејствуваат и по итна постапка да ја набават неопходната опрема.
Од ДСЗИ информираат дека по утврдените неправилности на 12 октомври е издадено решение и директорката на Клиниката за гинекологија е должна веднаш да почне со извршување по него.
- Рокот за санирање на кровната конструкција и за санирање на инсталацијата што е за терморегулација – топлење и ладење бара подолг временски период, бидејќи тоа се опсежни технички зафати. Таа постапка е долготрајна и е наведен временски рок од шест месеци. За решавање на другите недостатоци, наведени во решението, роковите се од 20 дена, како и од еден до максимум шест месеци. Така на пример, за средување на кадровските услови рокот е еден месец, просторните услови никако не можат да се сменат во рамки на оваа зграда во која се сместени. За проблемите наведени во цитолошката лабораторија и за набавка на болничка постелнина...рокот е до три месеци, вели директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова Бухова.
Од ДСЗИ наведуваат дека имаат интензивна комуникација со Клиниката за гинекологија и акушерство. Освен редовните инспекциски надзори кои се во временски интервал од три месеци заради интрахоспитални инфекции, тие ќе имаат и тесна соработка, што значи нивниот инспекциски надзор на Клиниката ќе биде поинтензивен.
- Генерално опоменува бројката за смртноста на новороденчињата. Таа е многу висока и е одраз директно на здравствениот систем во една држава. Фокусирани се сите кои се надлежни во оваа област, да се интервенира и што побрзо да почнат да се гледаат резултатите од извршените зафати, додаде Сотирова Бухова.
Набавени нови 25 инкубатори, а ќе има и 15 аспиратори и 15 монитори
За најдоцна една недела ќе стигнат 25 инкубатори од кои 16 ќе бидат наменети за интензивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство, а еден ќе биде донација од германската фирма „Дрегер“. Останатите инкубатори ќе бидат наменети за другите породилиштата низ државата. Набавени се два стерилизатори, а превидена е и набавка на еден до два апарати за хемокултура (за утврдување инфекција во крвта на новороденчето односно за септични состојби). Ќе бидат обезбедени 15 аспиратори и 15 монитори, истакна Јовановска.
Во врска со тоа кога ќе се реши проблемот со системот за вентилацијата на Клиниката, појасни дека имаат рок од шест месеци и веќе разговараат со фирми кои имаат искуство со опремување на повеќе болници. Биохемиската лабораторијата од подрумските простории ја преместиле на приземје и за една недела треба да биде комплетно уредена.
Исто така пред истекот на рокот (31 октомври) поставен од ДСЗИ, на Клиниката веќе е формирана Комисија за интрахоспитални инфекции. Постелнина и пижами ќе бидат обезбедени преку донација од неколку фирми, ќе има и нови плакари за чување на чиста постелнина, а се разговара и за санирање на оштетените подови.
Преку Јапонската амбасада аплицирале за грант за обезбедување електрични кревети, бидејќи има пациентки кои долго време престојуваат на Клиниката, долги години чекале деца, имале едно, две, три ин витра и на крајот треба да останат месец - два, за да можат нивните бебиња да бидат со соодветна тежина, која би гарантирала нивно преживување.
Но, според неа, многу работи кои требало да се направат во минатото не се направени.
Интензивна нега како посебна единица меѓу ГАК и Детската клиника
Во врска со пренатрупаноста на интензивната нега со предвремено родените Јовановска истакна дека за тоа е неопходно системско решение на ниво на Влада и на ниво на Министерство. Во насока на долгорочно решавање на проблемот со предвремено родените кои се сместени на интензивната нега на Клиниката, се подготвува елаборат во соработка со Клиниката за детски болести.
Целта е интензивните одделенија на Детската клиника и на ГАК да можат потесно да соработуваат, да се обезбеди простор каде ќе се смести интензивната нега и ќе биде како посебна единица меѓу двете клиники, можеби на местото каде се наоѓаше старата зграда на гинекологија.
Во врска со тоа зошто претходно не се презеле чекори за средување на проблемите на Клиниката, таа појасни „таква воопшто генерално беше политиката, да се кажува само дека нешто се прави во здравството, дека се набавуваат не знам какви скапи апарати кои можеби нас и не ни се толку потребни, не знам како претходната Влада промовираше јавна политика и кампањи за многудетни семејства без да се реши инфраструктурниот проблем“.
- Завршува договорот за обезбедување на ГАК, кое не чинеше околу 4,8 милиони денари, значи околу 80.000 евра годишно, средства со кои ќе си набавиме апаратура, ќе си ги обновиме креветите, ќе ги модернизираме собите каде престојуваат пациентките. Планираме изготвување електронска архива и набавка на софтвер за да не плаќаме за чување на документација. Значи некои трошоци ќе ги намалиме бидејќи имаме ограничен буџет, нешто и ќе ни биде зголемено. И Владата и Министерството за здравство имаат голем слух за Клиниката, затоа што конечно почнавме да зборуваме, почнавме да кажуваме дека имаме проблеми. Министерството и Владата се расположени да помогнат, бидејќи на сите им е јасно дека за квалитетно здравство може да се зборува тогаш кога процентот на перинаталната смртност ќе го намалиме, додаде Јовановска.
После изборите ќе има можност да се вработува кадар на ГАК
- Поднесовме барање до Министерството за здравство за вработување на пет анестезиолози, пет педијатри, 20 медицински сестри и акушерки и 20 болничари, вели Јовановска.
И од Министерството за здравство потврдуваат дека се прават напори за обезбедување нова медицинска опрема и кадровско зајакнување. Тие целосно се посветени да помогнат во соработка со менаџментот на Клиниката за гинекологија и акушерство и на Клиниката за детски болести, а имаат и отворен повик за преземање педијатри, анестезиолози, гинеколози, во насока на што поитно зголемување на кадровскиот капацитет.
- Најавивме дека до 2021 година ќе им ги зголемиме платите на докторите специјалисти и да ги мотивираме докторите да се вратат повторно во јавните здравствени установи. После завршувањето на локалните избори веќе ги имаме податоците од потребите на многу ЈЗУ и ќе отпочнеме со тоа. Специјализациите траат долго, ако ги немаме на пазарот, ќе вработиме доктори без специјалност, но мораме четири пет години да почекаме додека тие станат специјалисти и уште неколку години додека станат искусни. Во меѓувреме ќе се снаоѓаме со овие. Навистина докторите ќе бидат преоптеретени, ќе работат малку повеќе, меѓутоа имаме хумана задача да помогнеме, вели заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски.
Економски не сме многу силна држава, посочи Чакаровски, за да увезуваме доктори и мораме да се потпреме на нашите доктори. Според него, нашите доктори се квалитетни, добро образовани, можат да одговорат на предизвиците, меѓутоа мора да се посвети внимание на условите на работа. Посочи дека мора да се води сметка што со предвремено родените од 26-та до 30-та гестациска недела и како родилиштата да се зајакнат технички, инфраструктурно и кадровски, за да се намали процентот на перинатална смртност.
- Меѓу починатите предвремено родени има и бебиња со аномалии инкомпатибилни по животот. Зададовме задача да направат анализа во смисла да кажат колку од тие се со инкомпатибилни аномалии, ако може да ја нотираат причината за предвременото раѓање. Како Министерство и како Влада стоиме на располагаме да им излеземе во пресрет и се она што ќе побараат да го направиме. Размислуваме проектот за банка на мајчино млеко да го продолжиме, да набавиме пастеризатор, да го искористиме тој простор што таму бил предвиден со цел да не ни се случуваат вакви работи. Не дека во иднина нема да ни се случуваат, меѓутоа, нивниот број да биде помал, истакна Чакаровски.
Во меѓувреме, плачот на новороденчињата кои доаѓаат на овој свет на Гинекологија се уште опоменува дека на секого треба да му се даде шанса за живот.
Рената Пепељугоска/МИА
Ново на Сител
-

Во март Србија ја посетиле најмногу туристи од Русија и од Македонија
-

Во средно училиште во Тетово нападнати две лица со остар предмет од 15-годишник
-

ЗМАИ: Напредокот во неонаталната грижа покажува дека системски промени се можни и во македонското здравство
-

Мицкоски: Загрижен сум за здравствената состојба на поединци во актуелното раководство на СДСМ
-

19-годишник загина во сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл и автобус во Прилеп
-

РКЕ со препорака до компаниите да продолжат со греење поради ниските температури во следните два дена
-

УФП: Кривична против поранешен претседател на Стоматолошката комора на Македонија и пет членови на комисија за злоупореби со издавање лиценци
-

Лазаров го објави поширокиот список за баражот за СП 2027
