Претседателот Пендаровски во официјалната посета на Грција
Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски од денеска ја започнува дводневната официјална посета на Грција, што воедно е и прва на највисоко ниво меѓу двете држави, со оглед на тоа дека досега, ниту еден претседател на нашата земја не ја посетил Атина, ниту пак некој грчки претседател бил во Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот ќе оствари средби со грчкиот државен врв, ќе биде примен од неговата грчка колешка, а ќе се сретне и со грчкиот премиер.
Посетата започнува утрово со положување венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред грчкиот Парламент, по што Пендаровски ќе се упати во Претседателската палата, каде што на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.
Сакеларопулу и Пендаровски ќе имаат тет-а-тет средба, како и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
Од Претседателската, претседателот Пендаровски ќе замине за Премиерската палата, каде што ќе оствари средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а во текот на денот ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, претседателот ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на министерка за култура и спорт на Грција Лина Мендони.
Од Кабинетот на претседателот, во соопштението за официјалната посета истакнаа дека „претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави“.
Непосредно пред пристигнувањето во Грција, во изјава за грчкиот информативен портал „Њузбомб“, како што вчера објави МИА, претседателот на Република Македонија истакна дека посетата што е на покана на неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу, „доаѓа како продолжение на низата средби на различни нивоа во последните години и е јасен доказ за зајакнатите билатерални односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа“.
Паралелно, Пендаровски ја потенцираше и важноста на посетата со оглед на тоа што се случува првпат и објасни дека двете земји отвораат „уште еден канал на комуникација и соработка за уште поголемо приближување на двете земји и двата народи“.
-Затоа, главната цел на оваа државна посета е да ја покажеме нашата дополнителна подготвеност за унапредување на билатералните односи во сите области од взаемен интерес, да ја реафирмираме решителната посветеност за пријателски и добрососедските односи меѓу двете земји, како и за понатамошна имплементација на Договорот од Преспа, рече претседателот.
Додаде дека Република Македонија и Република Грција се две земји кои поминаа низ различни фази во меѓусебните односи, но „сега сме сојузници во најсилниот воен сојуз на планетата, во НАТО Алијансата, работиме посветени на зголемувањето на довербата, ги делиме истите вредности на демократијата и се де соочуваме со слични предизвици во многу области“, па во овој контекст „интензивирањето на контактите и проширувањето на тематскиот опсег на нашите односи е нешто што е повеќе од логично и особено неопходно“.
-Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи, рече Пендаровски, изразувајќи надеж дека набргу ќе следи и возвратна посета на грчката претседателка на Скопје.
Со оглед на тоа дека станува збор за прва посета на претседател на Македонија на Грција, професорот на катедрата за балкански, словенски и ориентални студии на солунскиот Универзитет Македонија, Јоргос Христидис, кој воедно е и визитинг професор на Универзитетот во Софија, но и истражувач во ЕЛИАМЕП, во разговор со дописничката на МИА од Атина во неделата рече дека посетата на претседателот Пендаровски е „знак за нормализација на билатералните односи“.
-Особено позитивен факт е претстојната посета на Пендаровски во Грција и средбите со грчкото раководство. Тоа е знак на „нормализација на билатералните односи“, како што прилега за две соседни земји. Посакуваното е контактите меѓу политичкото и државното раководство на двете земји да добијат редовен карактер, потенцираше професорот.
Ново на Сител
-

Артета прогласен за тренер на годината во Премиер лигата за сезоната 2025/26
-

СЗО: Бројот заразени со хантавирусот се искачи на 13, ситуацијата и натаму стабилна
-

Мицкоски го честита Курбан Бајрам: Да продолжиме заеднички да градиме општество на разбирање, единство и почитување
-

Приведени двајца криумчари на мигранти од Косово, поднесена им е кривична пријава и определен притвор од 30 дена
-

Истражување: Половина од Грците не планираат да одат на одмор годинава
-

Сиљановска - Давкова ќе ги прими учесниците на 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026
-

Најстудено утро во Берово со измерени девет степени
-

Гаши го честита Курбан Бајрам: Обнова на највисоките вредности на солидарноста, разбирањето и меѓусебната почит
