Преглед на вестите од светот
Голем шумски пожар беснее во околината на Солун. Огнот брзо се проширил и зафатил индустриска зона каде целосно се пеплосани две фабрики, што предизвика итна евакуација на локалното население.
На терен се 160 пожарникари со над 50 возила, а од рано наутро во гаснењето се вклучени и канаддери и хеликоптери. Жителите велат дека биле немоќни пред огнената стихија.
„Го видов пожарот во моментот кога започна. Мислевме дека навреме ќе го стават под контрола, но како што изгледа, ситуацијата ескалираше.“
„Зад нас имаше фабрика за мебел која е целосно уништена. Ништо не остана од неа. И како што гледате, од шест часот наутро авионите и хеликоптерите постојано фрлаат вода за да го изгаснат пожарот и во погонот за рециклирање.“
Грчката државна телевизија ЕРТ јави дека за подметнување на пожарот е уапсен 76-годишен маж, откако неговото возило исфрлило искри во сувата трева. Градоначалникот на солунската општина Неаполи-Сикис изјавил дека локалните жители слушале континуирани експлозии од индустриските објекти во текот на ноќта.
Тој ја повикал јавноста да ги следи официјалните упатства поради токсичниот облак од чад што се проширил низ поголемиот дел од пошироката област на Солун. Во индустриската зона има нафтени производи, постројки за преработка на текстил и фабрика за рециклирање во која се складираат големи количини пластика.
Десетици илјади Иранци се собраа во дворот на Големата џамија во Техеран за да се простат од врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи и неговото семејство кои беа убиени на почетокот на американско-израелската војна против Иран. Поранешниот лидер беше изложен во стаклен ковчег, заедно со неговата ќерка зет и 14месечната внука.
Насобраните граѓани се удираа во градите во знак на жалост носејќи транспаренти со пораки „Ќе има крв“ насочени кон американскиот претседател Доналд Трамп. Властите планираат да мобилизираат милиони луѓе во следните неколку дена за масовни погребни процесии.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги следи настаните со погребот на ајатолахот, тврдејќи дека официјален Техеран сега „моли за договор“, поради што преговорите се во привремена еднонеделна пауза.
Трамп додаде дека во овој период нема да има воени акции, иронизирајќи дека иако сите ирански лидери се собрани на едно место, САД нема да нападнат бидејќи понатаму нема да има со кого да преговараат.
Истовремено, тој најави и скорашна средба во Белата куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за кого рече дека добро знае „кој е шефот“, што беше потврдено и од кабинетот на Нетанјаху, од каде соопштија дека Израел силно ги цени блиските сојузнички односи со Вашингтон.
Путин и Трамп имале 85 минутен телефонски разговор пред Самитот на НАТО објави Кремљ. Главна тема на разговор била војната во Украина, особено во пресрет на претстојниот Самит на НАТО во Анкара, закажан за 7 и 8 јули.
Притоа, Трамп ја потврдил подготвеноста за брзо завршување на воениот конфликт, додека руската страна нагласила дека и понатаму се стреми кон политичко-дипломатско решение.
Како што соопштуваат од Москва, двајцата лидери направиле пресек и на другите критични глобални точки, со посебен фокус на развојот на настаните околу Иран и Блискиот Исток.
Највисокиот активен вулкан Етна повторно се активираше исфрлајќи лава и огромни облаци од вулканска пепел над Сицилија. Вулканската активност започна од отвор на над 3 илјади метри надморска височина, предизвикувајќи силни потреси и масивен проток на лава која се движи надолу по падините.
Италијанската цивилна заштита издаде жолт аларм како превентивна мерка за зајакнување на мониторингот и заштита на планинарите.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
