Преглед на вестите од светот
Петер Маѓар положи свечена заклетва како нов премиер на Унгарија, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан. На свечената церемонија во парламентот во Будимпешта, за првпат по десет години беше истакнато знамето на Европската Унија. Новиот премиер најави дека негов главен приоритет ќе биде обновување на односите со Брисел.
Целта е да се обезбедат околу 10 милијарди евра од европските фондови, кои беа замрзнати поради претходните проблеми со владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Владата на Маѓар брои 16 министерства.
Партијата Тиса, која Маѓар ја формираше во 2020 година по напуштањето на владејачката Фидес, на изборите во април освои 141 од вкупно 200 пратенички места. Со ова двотретинско мнозинство, новата администрација има моќ да спроведе и уставни измени.
Грчките власти истражуваат сериозен безбедносен инцидент откако кај островот Лефкада беше пронајден воен морски дрон, заглавен во крајбрежна пештера. Дронот го забележале рибари. Извештаите во грчките медиуми велат дека дронот носел експлозиви и дека неговиот мотор сè уште работел кога бил откриен.
Извештаите, исто така, сугерираат дека дронот може да биде произведен во Украина или поврзан со тековната војна меѓу Русија и Украина.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
