Loading Video...
Свет
5. February 2026 - 12:30

Преглед на вестите од светот

Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров објави на социјалните мрежи дека разговорите со руската и американската делегација во Абу Даби за наоѓање излез од четиригодишната војна во Украина биле „суштински и продуктивни“ и дека ќе продолжат денеска. Разговорите во Абу Даби се одржуваат во услови на обемни руски напади врз енергетскиот сектор на Украина, објавија американски медиуми. Беше постигнат одреден напредок, но не и пробив по клучните прашања, првенствено територијални, соопштија претходно официјални претставници.

Советот на Европската унија соопшти дека усвоил уште една од потребните одлуки за обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина. Во соопштението се наведува дека се предвидува Киев да почне да ги добива новите средства во второто тримесечје од годинава. Европскиот совет одлучи заемот да биде повлечен од меѓународните финансиски пазари и опфатен само од земјите од ЕУ кои сакаат да го сторат тоа. За одлуката гласаа 24 земји. Од почетокот на војната, според официјалните податоци, ЕУ обезбедила над 193 милијарди евра помош за Украина.

Бројот на украински војници убиени на бојното поле како резултат на војната со Русија се проценува на 55.000, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за француската телевизија Франс 2. Но, истотака голема е бројката и на исчезнати.

Во интервју за Ројтерс српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија веќе купува гас од Азербејџан, преку Бугарија, а изградбата на гасоводот до Македонија, што ќе започне оваа година, би овозможил да стигнува гас и од Грција. Тој доде дека е посветен на идејата за членство на Србија во ЕУ. Претседателот на Србија признава дека корупцијата е проблем во државата и дека самиот е незадоволен од напорите за нејзино искоренување. Вториот и последен претседателски мандат на Вучиќ завршува во 2027 година, а тој наведува дека оваа година ќе се одржат вонредни избори но не е сигурен што ќе прави следно, и не ја исклучува можноста да се врати во партиската политика или на премиерската позиција.

Протест на 13 и 14 февруари во Атина, со трактори и земјоделски возила, одлучија да одржат земјоделците од цела Грција по состанокот што вчера попладне се одржал кај месноста Никеа во близина на Лариса. Земјоделците, кои блокираа во декември и јануари сакаат уште еднаш да ги истакнат нивните барања, за кои сметаат дека не се решени.

Поволни временски услови се очекуваат утре вечер за време на Свеченото отворање на Зимските Олимписки игри во Милано и Кортина, откако изминативе денови имаше врнежи од дожд. На култниот стадион во Милано се прават завршните подготовки, додека натпреварувачите ги одржуваат последните тренинзи, а дел од натпреварите стартуваа во текот на вчерашниотд ден. Засега организаторите немаат проблеми и со снежните врнежи на кои се планините, а прогнозите се дека во следните денови ќе има стабилни временски услови, за разлика од централна и јужна Италија. Новиот снег во Ливињо само ги примора организаторите да направат корекции на патеките. 25-те Зимски Олимписки игри ќе се одржуваат од 6-22 февруари.