Преглед на вестите од светот
Швајцарија прогласи петдневна жалост по пожарот што го зафати популарниот бар во скијачкиот центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ, во кој загинаа повеќе од 40 лица, а 115 беа повредени, додека граѓаните им оддаваат почит на жртвите, а истрагата и идентификацијата на жртвите продолжуваат.
Според швајцарскиот портал 20mintes, знамињата на зградите на институциите во земјата ќе бидат спуштени на половина копје. Бројот на жртви се проценува на 47.
Некои од повредените се хоспитализирани во болници во Швајцарија, а некои се префрлени во здравствени установи во Милано, Париз, Лион и Штутгарт. Телата на жртвите се толку лошо изгорени што швајцарските власти велат дека може да потрае со денови за да се идентификуваат.
Според очевидци, пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ кога шишиња шампањ биле фрлени кон барот со распрскувачи и ракети, предизвикувајќи експлозија која брзо го зафатила таванот и околниот простор. Иако причината за пожарот сè уште не е целосно утврдена, истрагата е во тек.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во ситуација кога руските напади не престануваат дури и за време на новогодишните празници, испораките на системи за противвоздушна одбрана за Украина не можат да бидат одложени. Тој изрази надеж дека сè што е договорено со Вашингтон на крајот на декември со цел заштита на Украина, ќе пристигне навреме.
Тој рече дека Русија во текот на новогодишната ноќ лансирала повеќе од 200 дронови врз Украина, главно кон енергетски објекти. Зеленски наведе дека повеќето од тие дронови биле соборени. Како што е соопштено, украинската противвоздушна одбрана (ПВО) соборила 176 од вкупно 205 руски дронови кои биле лансирани во текот на ноќта
Над 200 пливачи во шарени костуми влегоа во студените јадрански води на 1.јануари, прославувајќи ја 20-годишнината од новогодишното пливање во Порторож, популарна традиција во овој словенечки град. Меѓу учесниците имаше претставници покрај од Словенија, од Босна и Херцеговина, Велика Британија, Словачка и Австрија.Температурата на водата изнесуваше 13 степени.
Настанот вклучува активности за загревање, доделување награди и оддавање почит на сезонските традиции на пливање длабоко вкоренети во регионот. Свеченостите завршија со огномет, означувајќи го врвот на празничните прослави во Порторож.
И додека во Словенија граѓаните и туристите ја одбележуваат традицијата, снежните врнежи во Сиракјуз во државата Њујорк продолжија и во Новата година, а според Националната метеоролшка служба ќе траат до сабота. Притоа патувањето може да биде тешко и опасно, а за возачите кои тргнуваат на пат советите се да имаа доволно храна и вода во возилата во случај на вонредна состојба.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
