Преглед на вестите од светот
Бројот на жртви во нападот на плажата Бонди во Австралија за време на прославата на еврејскиот празник Ханука се искачи на 16, вклучувајќи и едно дете. Меѓу жртвите е и еден од двајцата напаѓачи. Тој истакна дека 38 лица се повредени во нападот и се уште се во болница. Полицијата претходно соопшти дека еден од осомничените напаѓачи е убиен, додека другиот е во критична состојба.
Австралискиот премиер го осуди терористичкиот напад на плажата Бонди како „чин на чисто зло“
„Тоа што го видовме вчера беше чин на чисто зло, чин на антисемитизам, чин на тероризам на нашите брегови на познатата австралиска локација.“ Тој рече дека Австралија ќе направи „сè што е потребно за да го искорени“ антисемитизмот.
Разговорите во Берлин меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер и германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе продолжат денеска, објави Киев. Зеленски и неговата делегација се во Берлин за да се обидат да ги убедат Вашингтон и Европа да ги отфрлат територијалните отстапки кон Русија во преговорите за прекин на војната во Украина. Зеленски вчера изјави дека Украина е подготвена да се согласи на безбедносни гаранции врз основа на Член 5 на НАТО како дел од компромис во мировниот процес, според извештаите на медиумите.
Францускиот претседател Емануел Макрон пак синоќа изјави дека во телефонски разговор со Зеленски, рекол дека Франција ќе продолжи да ја поддржува Украина со цел да се постигне цврст и траен мир.
Во пресрет на Новогодишните празници трките на дедомразовци се вистинска атракција – во традиционалните црвени костими пренесуваме слики од Мексико сити каде бројката на учесници беше околу 3.000, а добар дел од учесниците беа и со своите семјства.
Во Приштина исто така имаше трка која имаше и хуманитарен карактер, а средствата собрани се наменети за организациите што ги поддржуваат хоспитализираните деца и сиромашните семејства. Настанот во Приштина одбележа и 10.годишнина.
Во Будимпешта пак беше атрактивно и забавно. Десетици луѓе облечени во црвени костими за капење и капи на Дедо Мраз се спротивставија на ниските температури. Тие трчаа низ центарот на градот, запирајќи за вежби, склекови, танцувајќи и пеејќи. Тркачите ги забавуваа локалните жители и туристите додека се движеа низ трговските улици, делејќи бонбони на минувачите и ширејќи празнично расположение.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
