Македонија
7. January 2026 - 16:29

„Празници за сите, Божиќ за сите“, хуманитарна акција во Општина Босилово

Под мотото „Празници за сите, Божиќ за сите“ Општина Босилово реализираше хуманитарна празнична акција преку која обезбеди пакети со прехранбени производи и средства за лична хигиена за семејства од социјален ризик. Акцијата опфати 60 семејства од општината, кои претходно биле мапирани како социјално загрозени.

Од локалната самоуправа информираат дека целта на акцијата е да се обезбедат достоинствени и пристојни празници за сите граѓани.

Во текот на годината, Општина Босилово реализира повеќе хуманитарни активности, најчесто во соработка со други организации, додека оваа празнична акција е спроведена самостојно.

Хуманитарната акција „Празници за сите, Божиќ за сите“ се реализира втора година по ред на територијата на општина Босилово и според најавите од локалната самоуправа, во иднина ќе прерасне во традиционална активност, насочена кон поддршка на најранливите категории граѓани.