Повредени од трагедијата во Пулс и по девет месеци се уште одат на физикална терапија
И по девет месеци од трагедијата во Кочани продолжува рехабилитацијата на повредените. 40 од нив се уште имаат потреба од физикална терапија од кои дел одат во кочанската болница а дел во Штип и Скопје поради обврските на факултет. Лекарите велат дека фокусот е враќање на функционалноста на рацете и нозете а за реконструктивната хирургија се уште е рано.
Деновиве заврши втората евалуација на 143 лица кои се здобија со изгореници и повреди од пожарот во Пулс, и стручниот тим го подготвува извештајот кој треба да даде насоки до каде е процесот на опоравување и треба ли дополнителни мерки.
-Евалуацијата беше направена за да се разграничи кои остануваат на клиниката за кожни болести каде ќе се прават третмани со ласер. Колку ќе имаат потреба од одредени хируршки интервенции кои ќе припаднат на пластичните хирурзи, дали ќе се прават кај нас или некаде тоа дополнително стручниот тим ќе одлучи. И кои се за пулмолошко следење, вели д-р Катерина Мирчовска, директор на болницата во Кочани.
Доктор Мирчовска вели кај некои лекувањето завршило, но има повредени кои поради последиците можеби ќе треба да променат работно место, но тоа ќе знаат по завршување на периодот на рехабилитација.
-Сега моментално се аплицира кортикостероидна терапија на лица кои имаат хипертрофни лузни. Останува и ПРП третпанот и тоа по индикација на колегите од пластична хирургија. Силиконските маски остануваат се користат а останува и компресивната облека, вели д-р Мирчовска.
Во трагедијата на 16 март 63 лица ги загубија животите а 200 беа повредени. Повеќе од стотина беа пратени на лекување во странски медицински центри.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
