Поради твитот на Заев, Грција ја замрзнува ратификацијата на меморандумите со Македонија
Во „твитот“ од понеделникот, кој ја налути грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот ѝ дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.
Грција го замрзнува ратификувањето на меморандумите за соработка со Северна Македонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата. Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, на 10 јули, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна. Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.
Во текстот се пренесува изјава на портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, која вчера испрати предупредување до премиерот Зоран Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.
„Бараме целосна имплементација на Договорот од Преспа и неговиот дух, го повикуваме Заев да се воздржи од реторика на поделби, особено во такво чувствително прашање какво што е фудбалот“, порача Аристотелија Пелони.
Во „твитот“ од понеделникот, кој ја налути грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот ѝ дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.
Инаку, трите меморандуми подолго време чекаат да дојдат на дневен ред во грчкиот парламент. Мнозинството на Нова демократија тактизира поради силното противење на Договорот од Преспа внатре во своите редови. Станува збор за Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање координативен комитет за економска соработка и Техничката спогодба за надгледување на воздушниот простор на земјава.
Грчката влада реагираше и на почетокот на Европското првенство поради употребата на кратенката ФФМ (Фудбалска федерација на Македонија) на дресовите на фудбалерите, како и на кодот МКД, дека не се во согласност со Преспанскиот договор. УЕФА ја одби жалбата, а премиерот Заев во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА рече дека прашањето е покренато и ќе се реши во согласност со Договорот и правилата на УЕФА.
„Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е. Како што е во сите земји во светот. Па така, јасно е и треба да биде јасно на сите нивоа дека е репрезентација на Северна Македонија, ирелевантно од иницијалите на Федерацијата на дресовите. Веќе го покренавме конкретниот аспект со Федерацијата и во наредниот период ќе го решиме прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“, кажа Заев.
Ново на Сител
-

Раѓањата во Грција за 15 години се намалиле за 42 отсто
-

ДЗР: Зголемени ризици од катастрофи, но недоволна подготвеност на системот за заштита и спасување
-

Уапсен крадец од Куманово баран по потерница за издржување затворска казна
-

Над 10.000 сообраќајни прекршоци за четири месеци – одземени 423 мотоцикли и тротинети
-

Уапсен 38-годишен скопјанец, при претрес пронајдени 25 кесички со марихуана
-

Новата футсал сезона стартува на 10 октомври
-

Антонели: Верстапен е одличен не само како возач, туку и како личност
-

Швајцарија без Џака во Скопје поради лажен сертификат за Ковид - 19 вакцина
