Поради неисплатени субвенции, сточарите се заканија со протести
Сточарите останаа со „кратки ракави“ поради неисплатени субвенции. Овчарството велат, останало без поддршка и се ставени во незавидна положба во однос на останатите земјоделски гранки. На дел од сточарите не им се иплатени субвенции за 2023-та, а во 2024-та многумина од нив го изгубиле правото на субвенционирање поради неисполнување на критериумот јагнињата да се предаваат во овластени кланици. Со надлежниот министер договориле средба за утре, но доколку не изнајдат решение, ќе одат на протести.
- 2025-та не е исплатена. Барем за 2025-та исплатата да е на време. Ако ни доцнат субвенциите, ќе излеземе на протести и мора да бидеме исплатени, само сточарството не е исплатено, значи сите други гранки имаат земено, само сточарството нема, не знам што е работата, а секој ден сточарството оди надолу. За жал, сточарството се уништува, изјави Насер Џемаили, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.
Според Џемаили, дополнителен проблем за одгледувачите на овци и кози е појавата на болеста овчи сипаници. Оваа воспалителна вирусна инфекција на кожата и слузницата кај преживарите се појави во кумановско и ќе биде дополнителен удар за сточарите од овој регион.
- Има некои стада што треба да се уништат. Министерството треба да биде подготвено да ги обештети тие сточари, додаде Џемаили.
Сточарите се жалат и на ниската откупна цена на живото јагне. Кило јагнешко жива мера се откупува по цена од 230 до 250 денари, а во малопродажба во месарница се продава од 700 денари па нагоре. Тоа само ги демотивира сточарите да ги зголемуваат своите стада, што значи дека во иднина сточниот фонд ќе продолжи да се намалува.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
