Македонија
24. February 2026 - 16:27

Полиција го чува Груби во домашен притвор, МВР и АНБ процениле дека не може да му се гарантира безбедноста во “Шутка”

Поради тоа што не може да му се гарантира безбедноста во затворот Скопје, Артан Груби кој беше баран со меѓународна потерница една година и два месеци, се врати во неговиот семеен дом во населбата Чаир, каде што ќе издржува куќен притвор. Во моментов го чува полицијата и е под 24 часовен надзор.

Пред зградата на Груби имаше полициско возило, но и припадници на МВР цивил кои ја обезбедуваа зградата, откако вчера ефективниот притвор му беше заменет со куќен и наредните 30 дена ќе го издржува дома.

По бурните реакции на јавноста и правници, за одлуката на Обвинителството да му даде поблага мерка иако повеќе од една година не можеа да му ја најдат локацијата, денеска отаму велат дека МВР и АНБ процениле дека Груби нема да биде безбеден во затворот Скопје и затоа обвинителот барал поранешниот вицепремиер 24 часа да го обезбедува полицијата дома дури издржува притвор.

-Согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка, велат од Обвинителството.

Од МВР пак ни одговорија дека информациите кои ги имале со АНБ за безбедноста на Груби ги споделиле до Обвинителството, без подетално објаснување зошто не може да му се гарантира безбедноста во затворот Скопје.

-Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности ги сподели со Јавното обвинителство сите информации и сознанија со кои располагаше, а кои се однесуваат на конкретното лице, вклучително и информациите од Агенцијата за национална безбедност. Во понатамошната постапка, одлуките за барање и определување на мерките ги носат исклучиво надлежното обвинителство и судот, велат од ресорното министерство.

Директорот на затворот Скопје вели, ниту МВР ниту АНБ дошле да направат проценка дали е безбедно во затворот или не. Според директорот Утковски, во одделенијата има постојано присуство на полиција за да нема незгоди, камери насекаде, можност за пријава доколку постои закана, одвојување на ризични категории притвореници и затвореници доколку има опасност.

Адвокатот на Груби, Гоце Ристовски вели дека утре повторно ќе одат  во Обвинителството за увид во доказите во истрагата за Државна лотарија каде поранешниот вицепремиер се сомничи за проневера на 8,2 милиони евра.