Свет
6. July 2021 - 9:12

По долг период намалување, повторно расте бројот на нови случаи со Ковид-19 во Белгија

Бројот на новозаразени од Ковид-19 во Белгија расте експоненцијално, главно кај најмладото население, но не само, јави дописничката на МИА од Брисел.

Експертите предупредуваат веќе неколку недели дека намалувањата во статистиките и доброто темпо на вакцинација не треба да го засени фактот дека делта сојот може да предизвика нов бран до есен.
 
Нивните предупредувања сега се чини дека се потврдуваат со последните бројки.

Во последната недела бројот на новозаразени е зголемен за 91 отсто на северот на Белгија, и за 144 отсто во околината на главниот град Брисел.

Едно од објаснувањата е дека заразата забрзано се шири кај најмладото население кое не е вакцинирано, како и поради фактот што е зголемена стапката на тестирања пред заминувањата на одмор.

Меѓутоа овој експоненцијален раст не може да се објасни само со овие фактори сметаат научниците и влијанието на делта сојот станува сѐ поизвесен фактор на зараза.

Властите за сега не се прекумерно загрижени бидејќи зголемениот број инфекции не доведува до зголемена стапка на хоспитализација, што најверојатно се должи на брзата вакцинација на населението во Белгија. Сепак, ако се суди по состојбата во Англија, каде трендот на хоспитализација повторно расте, има простор за загриженост.