Македонија

Овчарите бараат итна вакцинација: Над 50 жаришта, уништени до 10.000 овци

Сточарите алармираат дека болеста на сипаници кај малите преживари се шири низ земјава, а институциите сè уште немаат конкретно решение. Од Сојузот на одгледувачи на овци денеска пред Владата побараа итна вакцинација, забрзано уништување на заразените стада и исплата на обештетувањето за сточарите кои ги изгубиле своите животни.

Претседателот на Сојузот, Насер Џемаили, вели дека досега се уништени се меѓу 40 и 50 стада. Според неговите проценки, бројот на уништени овци достигнал од 7.000 до 10.000, а можно е и да е поголем, бидејќи, како што вели, секојдневно се појавуваат нови жаришта.

Од Сојузот бараат Владата итно да обезбеди вакцина и таа да биде испитана дали е соодветна за болеста. Џемаили информираше дека утрово ги контактирал министерот и ги известил дека се договара вакцина преку Амбасадата на Турција.