Свет
9. August 2015 - 14:20

Осуммина загинати при судир на хеликоптер и хидроавион крај Москва

Осум лица загинаа денеска кога хеликоптер и хидроавион се судрија над вештачкото езеро Истра во близината на Москва, по што остатоците на двете летала завршиле во езерските води.

Како што јави ТАСС, спасувачките екипи на руското Министерство за вонредни состојби од водите на Истра извадиле тела на осум лица, меѓу кои се и едно осумгодишно дете и 14-годишна девојка. 

Првично беше јавено дека во двете летала во моментот на несреќата имало вкупно девет лица, но по проверката на остатоците е утврдено дека и во хеликоптерот и во хидроавионот имало по четворица патници. 

Судирот на двете летала се случил на височина од 500 метри, а нивните остатоци се лоцирани на дното од езерто на длабочина од 13 метри, на меѓусебно растојание од пет метри. 

Причините за судирот засега не се официјално утврдени, но се претпоставува дека до несреќата дошло поради дефект на моторот на хидроавионот.

Хеликоптерот бил сопственост на светскиот првак во параглајдерство, професионалниот пилот Вадим Бухтијаров, кој и управувал со леталото при несреќата.

Во врска со несреќата, руските власти покренаа кривична постапка поради „кршење на правилата за безбедност на воздушниот сообраќај што довело да смрт на повеќе лица“.