Македонија
26. September 2019 - 14:56

Општина Кочани ќе го кофинансира градскиот превоз во наредните две години

И во наредните две години локалната самоуправа на Кочани од сопствениот буџет ќе кофинансира 50 отсто од цената на билетот за јавниот градски превоз. Таква одлука донесе Советот на Општината на денешната седница, откако беше повлечена претходната одлука рокот на кофинансирање да биде пет години.

-Во писмена консултација со Бирото за јавни набавки добивме насоки дека не е препорачливо да се спроведува јавна набавка подолга од две години. Затоа, од Советот баравме измена на периодот, а останува да важи одлуката да ја плаќаме половината од вредноста на возниот билет. Всушност, мандатите на актуелниот градоначалник и на советниците завршуваат за две години и токму ефектите од оваа одлука ќе бидат во тој период. Можеби нов градоначалник и друг состав на Советот ќе донесат поинакви одлуки, со поголемо или помало кофинансирање, поради што побаравме и добивме поддршка за сегашното барање, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.

Одлуката за кофинансирање на јавниот превоз во периодот до 2021 година не беше едногласно донесена, откако советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа воздржани или не гласаа со забелешка дека на претходната седница веќе дале предлог рокот да биде две години.

За покривање на трошоците за кофинансирањето од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 1,7 милиони денари, односно граѓаните ќе плаќаат само 10 денари за едно возење ако во наредниот период не дојде до драстична промена во цената на нафтата и нафтените деривати.