Опозициските партии со остри реакции за потрошените пари за прославата
Опозициските партии жестоко реагираат по изјавите на владата дека за прославата за 8ми Септември не се потршени народни пари. Проектот за прослава на Денот на независноста е голема проневера на државните пари, обвинува опозицискиот лидер Венко Филипче.
СДСМ тврди дека спектаклот чинел пет милиони евра народни пари и го обвинува премиерот Мицкоски дека излажал кога кажал дека граѓаните не платиле ниту денар. Филипче бара Владата веднаш да каже кој и колку пари добил од потрошените 5 милиони евра за прославата, но изрази сомнеж и за изборот на организаторот на настанот.
Реагираат и од ЛДП - ова е понижување на интелегенцијата на македонските граѓани.
-Да им тврдиш на луѓето дека 5,5 милиони евра се „нула денари трошок“ затоа што парите биле земени од дивидендата на Државна лотарија, е навреда за здравиот разум. Парите на државна компанија и нејзината дивиденда се 100% народни пари! Тоа ќе ви го каже и некој со чист кец на ПИСА тестовите. Додека одговорни држави во светот, како Тајван, дивидендите од државните компании директно им ги префрлаат на граѓаните како кеш во нивните џебови, нашата Влада ги користи за партиски ПР-циркуси. Филозофијата на Владата е јасна: од левиот џеб се зема за тендери, а од десниот си правиме „огласи по мерка“ за владини фестивали, реагира ЛДП.
Остро реагира и Левица. Обвинуваат дека позади целиот проект стои финансиска конструкција која треба да ја објасни Лотарија. Според нив Мицкоски нашол формула како средствата од буџетот да влезат во државна лотарија за прославата , а во јавност се да изгледа како бесплатно. Бараат одговори.
-По кои критериуми и за која намена фирмата-ќерка на „Авалон" добила средства од Државна лотарија два месеци пред јавниот повик за спонзорирање? Да се објави договорот за ангажман на Дејвид Гета. Детални податоци за компаниите кои беа „општествено одговорни“ и целосна финансиска конструкција за караванот „35 години независност", стои во партиското соопштение на Левица.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
