Македонија
6. March 2026 - 16:38

Околу 800 Македонци побарале да се вратат дома од погодените земји

Околу 800 македонски државјани ги чекаат чартер летовите кои ги договара македонската влада и МНР за евакуација од погодените подрачја на Блискиот Исток. Министерството бележи зголемување на бројот на граѓани кои се пријавиле на списоците во амбасадите. Според последните бројки, најголем интерес пројавиле нашинците од Емиратите каде дури 560 македонци побарале евакуација. Во Катар околу 100 лица се на списоците за враќање дома, 34 во Кувајт,16 во Бахреин и 5 од Саудиска Арабија.

Со владин авион синоќа беа евакуирани и последните петмина Македонци од Израел кои побарале да се вратат дома. Преку копнен пат беа пренесени до Египет и оттаму кон Скопје.  Според најавите на МНР, викендов од ДУбаи треба да полетаат три чартер лета со кои треба да бидат евакуирани Македонците кои побарале помош во македонската амбасада во Абу Даби.

Се подготвува и летот од Ријад,  Саудиска Арбија, за Македонците од Катар, Бахреин и Кувајт, како најбезбедна точка од каде можат да полетаат кон Македонија.