Одбележување на Илинден во Пелинце и Св.Прохор Пчински
Во Крушево се роди идејата дека слободата вреди повеќе од животот, а во манастирот Прохор Пчински идејата доби државотворна форма.
Втори август е потсетник за жртвата на илинденците и асномците кои се изборија за државноста, а оваа генерација е последната која може да се избори со многуте неправди и погрешни историски одлуки кои и се нанаесени на Македонија, кажа премиерот Мицкоски во илинденската порака.
Владината делегација предводена од премиерот, денеска одаде почит и положи цвеќе во меморијалниот центар Пелинце.
-Сетете се само пред неколку години какви беа односите на политичките сили. Колку граѓаните беа мајоризирани пред налетот на разноразни интереси на политичките елити тогаш на власт. Денес тие се длабоко во опозиција, распаднати помеѓу своите лични интереси и далеку од столчињата на власт кои ним им овозможуваа удобен живот. Тие фотелји на власт тие ги држеа не со поддршката од народот, туку со предавствата и отстапките кои ги правеа. Горчливиот пелин од тие отстапки го чувствуваме и денес, и да бидеме реални, нема Македонец кој со чувство на тегоба не се потсетува на таквите одлуки. Но сакам да им порачам дека никогаш, никогаш нема да се откажам од борбата да ја направиме Македонија подобро место за живеење — наш дом и наша иднина. Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Граѓаните велат дека како македонци, Илинден им е еден од најважните празници. Дали би се гордееле илинденците и асномците за државата во која живееме денеска, велат, би биле и повеќе од горди.
Во манастирот Прохор Пчински каде беа поставени темелите на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ, денеска положи цвеќе владина делегација предводена од министерот за внатрешни работи. Заедно со нив, беше и српскиот министер за евроинтеграции Немања Старовиќ.
Од некогашните затворени врати во манастирот Прохор Пчински поради нерешените црковни односи, во 2004 година се изгради Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, а денес македонските делегации оддаваат почит на двете места, зачувувајќи го споменот за АСНОМ од двете страни на границата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
