Одбележан 9 Мај – денот на победата над фашизмот и денот на Европа
Европа е нашиот единствен пат, треба да разговараме за решенија со кои ќе одиме напред, порача Премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста пред Владата по повод 9 Мај - Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, под слоганот „Победа, принципи и вредност“.
Тој во говорот истакна дека не смееме да дозволиме подвигот на загинатите борци да биде заборавен или релативизирани повика на обединување во заедничката борба за подобар живот на граѓаните, посилна економија и праведно општество. Премиерот потенцираше дека никогаш нема да прави пазар со идентитетот.
-Мора да разговараме и да се обидуваме, затоа што само така можеме да дојдеме до решенија. Но не решенија со кои ќе оставиме големи товари на нашите потомци, туку трајни решенија по кои ќе можеме да одиме напред. Секој што ме знае добро, уверен е дека, колку и да постојат празнини и недржавничко однесување во нашиот политички естаблишмент, добро знае дека пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам. Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина, рече Христијан Мицкоски, Премиер.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче откако положи цвеќе пред споменикот „Ослободителите на Скопје“ во кругот на Владата изјави дека организираната криминална група на Мицкоски ја држи државата изолирана од Европа.
-За жал не води организирана криминална група на чело со Христијан Мицкоски, која што сака земјава да биде во изолација, да биде слепо црево во Европа, да нема реформи, да нема европско правосудство, да нема европски судии и обвинители, да нема богати и среќни граѓани. За жал, земјава ја претворија во Венецуела на Балканот, рече Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Евроамбасадорот Михалис Рокас во обраќањето на свеченоста истакна дека сите заедно и со реформите ќе го направиме решителниот чекор да станеме дел од семејството на Европската унија и ја пренесе пораката од претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта до македонските граѓани, истакнувајќи дека се обратил како на идна земја членка на ЕУ.
-Знаеме дека заедно со помош на сите вас и со тековните реформи ќе успееме да го донесеме и да го направиме решителнииот чекор за да ја донесеме земјата онаму каде што припаѓа - во семејството на Европската унија, истакна Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ.
Честитки за 9 мај испратија повеќе политичари и политички партии. Во честитката од Социјалистичката партија за Денот на победата над фашизмот стои:
-Денес, кога се соочуваме со нови предизвици, нека ни биде пример непокорот на нашите револуционери. Да ги чуваме придобивките од борбата на македонските партизани од 33-те бригади, 8-те дивизии и 3-те корпуси и да не дозволиме да избледе споменот на оние кои паднаа за да изградат свет на еднакви, пишуваат од СПМ.
Денот на Европа во организација на делегацијата на Европската Унија во земјава беше одбележан и во Градскиот парк со програма за сите генерации.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
