Македонија
19. August 2026 - 12:21

Нова сензорна просторија за децата со аутизам во Штип

Во Дневниот центар за лица со аутизам во Штип е ставена во функција нова сензорна просторија, опремена со донација од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“. Новата опрема треба да овозможи поквалитетни третмани и подобри услови за корисниците. Во центарот моментално се згрижени пет лица, а уште пет посетуваат индивидуални третмани.

- Со новата опрема ќе се овозможи бројката да се зголеми, да имаме подобра услуга и со современа технологија. Оваа опрема за нас претставува поголема поддршка кон ранливите категории и нивните семејства кон нашите корисници, изјави Наталија Митрева – Митев, директорка на Центарот за социјални работи – Штип.

Во центарот има вработено дефектолог и логопед, како и помошен персонал од медицинска сестра и воспитувач. Дефектологот работи со децата, претежно на дефектолошка проценкач Од локалната самоуправа велат дека паралелно со опремувањето се вложува и во обезбедување кадар.

- Дневниот центар за деца со аутизам е од огромно значење за нашата заедница, бидејчи овде децата и нивните семсјтва се чувствуваат сигурно и за непречено функционирање на Центарот, општината континуирано обезбедува човечки ресурси, изјави Вања Џамбазова-Николовска, ЛС- Штип.

Опремата е избрана со цел да одговори на различни потреби во развојот и терапијата.

- Во делот на нивниот кумулативен развој, во делот на нивната концентрација и внимание, во делот на намалување и надминување на нивните сензорни дразби. Имаме и елементи коишто ќе ја подобрат и нивната фина и крупна моторика, така што навистина се мислеше на една сеопфатна низа на елементи и алатки коишто ќе придонесат кон подобар развој на лицата со аутизам од Општина Штип коишто го посетуваат овој центар., изјави Бранка Џајковска, Фондација „д-р Верица Механџиска“.

Од Фондацијата се надеваат дека и останатите компании ќе го следат нивниот пример и ќе ги поддржат ранливите категории на граѓани во нашата држава.