Нема доволно вода за пиење на пунктовните во Гостивар
Гостивар и денеска ја живееше истата слика. По улиците можеа да се видат луѓе кои се помагаат меѓу себе, по двајца носат пакет вода за да си го олеснат патот, други туркаат колички полни со шишиња, а од продавниците постојано излегуваат купувачи со купена вода. Гостиварци мораат да се снаоѓаат за да обезбедат питка вода на овие пеколни горештини, па пакетите се пренесуваат дури и на тротинети и во багажниците од моторите.
„Нема веќе вода, заврши!“ — ова беше најчесто изговорената реченица што се слушаше пред пунктовите каде треба да земат бесплатна вода за време на денешната обиколка низ градот што ја направи Сител. Оние кои задоцнија, си заминаа со празни раце. Граѓаните велат дека залихите брзо се трошат, нема доволно за сите и мораат постојано да купуваат нови количини.
Иако во чешмите има техничка вода, стравот од бактерии во водоводниот систем сè уште е присутен. Луѓето велат дека не се капат со водата, па флашираната вода купена од маркет ја затоплуваат за да одржуваат основна хигиена.
Денеска од Министерството за здравство нема официјален пресек за тоа колку лица побарале лекарска помош поради последици од епидемијата. Отаму велат дека
Состојбата се нормализира. Бројот на луѓе кои одат на преглед е од 40 до 50 на ден. Во таа бројка има и луѓе кои имаат симптоми предизвикани од летните вируси.
Кризата со водата во Гостивар и денеска не изостана од партиските прес-конференции.
Од СДСМ обвинуваат дека власта неодговорно ја води кризата, предолго се чекаат резултатите од испитувањата, а граѓаните се оставени на горештините, додека загадената вода стигнала и до болницата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, одговорија дека ова е последица на повеќегодишно таложење на проблемите и негрижа од претходната власт, која иако имала извештаи за неисправна вода, никогаш не побарала одговорност.
Водоводната мрежа во Гостивар во моментов се хиперхлорира и се испира, но бактеријата е сè уште присутна и водата не смее да се пие. Забраната ќе остане на сила сè додека не се добијат три последователни негателни резултати од контролните тестови.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
