МВР: Запленети над 40 тони дрога – акцијата продолжува
Над 40 тони марихуана и 1.300 шишиња масло од канабис заплени полицијата во големата полициска акција која започна пред три дена во Скопје. Маслото од канабис и околу девет тони марихуана се пронајдени и оодземени од правно лице во Скопје, додека поголемиот дел или 31 тон марихуана и биомаса се запленети во правно лице во струмичкиот регион.
Полициската акција започна во претпладневните часови, кога екипи на МВР и Обвинителството влегоа во кругот на фирмата во близина на селото Сушица, каде што, освен магацинот, има и оранжерии наменети за производство на канабис. Дека се работи за голема количина можеше да се заклучи и од конвојот на дваесетина различни товарни возила кои пристигнаа на самата локација.
Од МВР информираат дека акцијата е спроведена во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на одгледување и обработка на растенија со фармацевтска употреба при Министерството за здравство. Во соработка со јавниот обвинител за организиран криминал, се преземаат мерки за утврдување дали неодамна запленетата марихуана во Република Србија потекнува од нашата држава.
Од МВР информираат дека заедно со формираниот тим при ОЈО продолжуваат со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на случаите, а по целосното завршување на акцијата ќе бидат соопштени дополнителни информации и резултати од истрагата.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
