Фудбал
10. October 2016 - 14:15

Милевски: Да го завршиме циклусот со победа

Селекторот на младата фудбалска репрезентација на Македонија, Боби Милевски точно напладне се сретна со новинарите во х. Александар Палас и ги соопшти последните информации пред утрешниот последен квалификациски дуел со селекцијата на Шкотска. 

„ Наша единствена цел е да одиграме добро, играчите да го дадат максимумот и ги извршат поставените задачи што може да ни ја донесе посакуваната победа. Не се оптеретуваме со математики бидејќи оваа генерација фудбалери го направи најголемиот успех во еден квалификациски циклус досега. Особено е импресивен учинокот на гостински терен каде сме најдобри во групата.  Шкотска е незгоден противник со нов селектор и редица млади фудбалери но со многу натпревари во селекцијата до 19 години. Играчи од најсилните шкотски и англиски екипи. Затоа очекувам тешка средба но ние секогаш играме на победа така ќе биде и овојпат“. 
Доколку Македонија ја совлада Шкотска а Исланд не успее да освои три бода против Украина тогаш Македонија ќе патува директно на ЕП во Полска наредната година. 
„ Немаме избор сем да победиме а потоа ќе видиме што ќе се случува.  Веднаш зад нас и Исланд е Франција која игра против С. Ирска и мислам дека тие треба да имаат најлесна задача како апсолутен фаворит. Затоа нашата единствена мисла е мечот со Шкотска и посакуваната победа“-дециден е Милевски. 
Во тимот по пауза од еден меч се враќаат Демири, Бејтулаи и голгетерот Виктор Ангелов со што се зголемува конкуренцијата во тимот. Дефинитивно во комбинација ќе биде и Барди кој се жалеше на повреда. 
Средбата се игра на Филип Втори во 18.45ч со директен пренос на ТВ Сител 3.