Македонија
16. November 2021 - 18:01

Мицкоски за Политика: Балканот е уморен од чекање и лажна надеж

Мицкоски не е изненаден од неуспехот на иницијативата за недоверба на Владата. Тој во интервју за белградска политика вели дека демократијата тешко функционира во Македонија каде според него, Заев владее со закани и притисоци.

„Уште од почетоков знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи Владата. Ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики, но се обединуваме во заложбата за промени и носење на нова иднина. На кратко кажано, вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне - вели Мицкоски за Политика.

Тој уште еднаш порачува дека Македонија предолго чека старт на преговорите. Според него, Брисел треба да покаже флексибилност а сите држави од Балканот подготвеност за соработка.

„ Не смее да се злоупотребува правото на земји членки на вето кон државите кои реално заслужуваат прогрес, ниту пак да има победници и понижени. Секогаш кога на Балканот сме се вртеле кон минатото сме заглавувале, сега треба да гледаме кон иднината. Да направиме спротивно од се до сега“  - вели Мицкоски додавајќи дека со Бугарија треба да работиме на нова иднина а не на прашања кои не разединуваат и создаваат конфликти“ – вели Мицкоски за политика.

Александар Спасовски