Мицкоски ќе побара од маркетите да не ги зголемуваат цените на производите
Растот на цените на горивата повторно ја отвори дилемата – дали по бензинските пумпи, поскапувањата ќе се преселат и на рафтовите во маркетите. Во обид да се спречи такво сценарио, премиерот Мицкоски утре ќе седне на иста маса со сопствениците на супермаркетите и дистрибутерите. Ќе им каже дека не е време за брзо кревање на цените и дополнителен удар врз домашниот буџет.
- Очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните за и ние како Влада да бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментот – кажа Мицкоски.
Мицкоски најави дека внимателно ќе се следи што се случува на пазарот. Пазарниот инспекторат и Комисијата за заштита на конкурецијата ќе ги засилат контролите. Ако цените почнат нагло да растат, не се исклучуваат построги мерки.
Граѓаните, пак, веќе си прават математика. Дел од анкетираните се надеваат дека состојбата на Блискиот исток ќе се смири и цените ќе се стабилизираат, но дел сметаат дека поскапувањата се неизбежни.
- Јас очекувам да заврши војната, да се стабилизираат и да се вратат цените, а не да се покачат. Доколку евентуално продолжи ова да се движи вака со горивата и енергенсите, секако дека ќе има уште поскапувања, апсолутно.
- Очекувате да излезат во пресрет маркетите, некое време да ги задржат цените?
- Нема шанси, досега чим не излегоа на оваа немаштија, не ми се верува.
- Очекувате веднаш да има корекција во маркетите?
- Полека оди тоа, знаете.
- Секако, би требало да има поскапување, нормално е тоа.
Вчера Државна статистика објави дека инфлацијата во февруари, споредено со истиот месец лани, за првпат по речиси цела година падна под 3 проценти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
