Мицкоски и трговците постигнаа договор за цените на храната
Мицкоски и трговците постигнале договор - годишниот раст на трошоците за производите што ги користи едно четиричлено семејство следниот месец да не надмине 3 проценти.
Од Владата брифираат дека на средбата детално биле разгледани областите во кои е потребна дополнителна законска интервенција и беа утврдени насоките за понатамошни активности. Во наредниот период ќе следува и средба со големите добавувачи, со цел сите чинители во синџирот да дадат придонес кон зачувување на ценовната стабилност, велат од Владата.
По средбата и маректети брифираат дека се подготвени да ги преиспитаат сопствените пресметки и да ги скратат маржите за да поевтинат основните продукти. Сепак, тие алармираат дека крајниот ефект врз џебот на граѓаните, во најголема мера ќе зависи од увозниците и добавувачите, бидејќи маркетите се последната алка во синџирот и не ја диктираат увозната вредност. За да се спречат нови поскапувања, планот е секоја нова, повисока влезна цена од добавувачите веднаш да се пријавува до Државниот пазарен инспекторат и заеднички да се лоцира каде точно се покачуваат цените.
„Ние сме прекупци и само последната алка во синџирот — ние не ја диктираме цената на увозот или на производот. Во изминатиов период во 90% од случаите ги почитувавме препораките. Работевме со апсолутна вредност на маржите, без да го качуваме процентот на сопствената заработка“, велат од секторот.
Мицкоски претходно рече дека од трговците ќе побара итно намалување на цените на основните прехранбени производи. Пораката на премиерот е дека кризата завршува и дека сега е ред компаниите да им вратат на граѓаните за трпението.
„Оправдување и изговори не прифаќам, од типот „не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените“ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме. ќе направиме некои споредби какви се цените во регионот, какви се цените кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети, ако треба, и по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив“, истакна премиерот Мицкоски.
Во меѓувреме од СДСМ велат дека работниците живеат потешко, социјално-ранливите граѓани биле заборавени од државата, а пензионерите изманипулирани.
„Македонскиот работник зема најниска плата во Европа, со која едвај издржува до половина месец. ВМРО ветуваше намалување на сиромаштијата, а уште во првата година од мандатот донесе зголемување од 22%. Ги изиграа и пензионерите. Со лажна кампања ги придобија, за потоа да им ги скратат и украдат парите. Ако се задржеше нашиот систем, најмалото зголeмување на пензиите ќе беше околу 1.500-1.600 денари, а најголемото 3.500 денари. ВМРО не исполни речиси ништо од клучните ветувања за помош на најранливите граѓани. Нема зголемување на гарантираната минимална помош за 10% на годишно ниво. Нема зголемување на посебниот додаток за 30%, ниту се зголемени надоместоците за родителите кои се грижат за деца и лица со попреченост“, изјави пратеничката од СДСМ, Тренчевска.
Состанокот на премиерот со трговците одржан попладнево е втор откако почна енергетската криза. Првиот состанок се случи на самиот почеток од кризата, кога побара од нив да не ги качуваат цените. Првиот пресек на инспекцијата покажа дека трговците сами си намалиле дел од заработувачката за да нема нагло поскапување. Што покажале новите контроли во периодот од 15 мај до 15 јуни, ќе открие новиот извештај на Пазарна кој треба да го добие Министерството за економија неделава. Од Владата неколкупати досега кажаа дека доколку се утврди неосновано поскапување, меѓу можните мерки останува и укинувањето на ДДВ-то за прехранбените производи.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
