Македонија
11. March 2026 - 17:01

Мицкоски: Биографијата на Савески е гаранција за добар обвинител

Не го познава лично, но Мицкоски вели дека биографијата на судијата Савески дава гаранции дека тој може да биде успешен јавен обвинител. Премиерот го коментира предлогот откако вчера Владата донесе одлука токму тој да биде предлогот за државен обвинител од четворицата кандидати за кои Советот на обвинителите даде позитивна оценка.

Од опозициската СДСМ велат дека нема предвреме да осудуваат, но бараат Савески да има професионален пристап, без да подлегне на притисоците на власта.

„Професионалниот профил на предложениот кандидат за нов државен јавен обвинител, Ненад Савески, говори дека станува збор за човек со долгогодишно искуство... СДСМ и граѓаните внимателно и будно ќе ја следиме неговата работа токму по тоа – дали ќе има храброст да се спротивстави на притисоците и да постапува професионално, дури и кога станува збор за случаи кои водат до власта.

„Начинот на кој течеше разрешувањето на поранешниот обвинител, политичките притисоци и елиминацијата на обвинител јавно на телевизија од страна на Мицкоски, оставаат сериозен сомнеж во намерата на власта. Оттука, новиот јавен обвинител го чека многу работа, особено во случаите со криминал и корупција на власта“, коментираат од СДСМ.

И од ДУИ бараат Савески да не биде обвинител близок до политиката, туку да придонесе за владеењето на правото и да го гони криминалот со почитување на правила за правична и фер постапка.

Според најавите, изборот на Савески во парламентот треба да се случи наредната недела. Државниот обвинител се избира со 61 пратенички глас, мнозинство кое власта на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ секако го има обезбедено.

Савески од 2016 година е судија во скопскиот Кривичен суд, во кој суди за случаите од организиран криминал и корупција, но од 2009 година работел и како обвинител.

Има дипломирано и магистрирано на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во областа на казненото право, а предава и на Академијата за судии и јавни обвинители.