Македонија
24. September 2016 - 18:21

Меѓународна младинска конференција во Крушево

Меѓународната младинска конференција насловена „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа" викендов се одржува во хотелот „Монтана палас“ во Крушево во организација на Младинскиот Сојуз од Крушево и Фондацијата Фридрих Еберт, а е поддржана од Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, финансиран од Германија. 

На конференцијата учествуваат 60 млади лидери од 16 европски земји. 

Марија Арсовска, програмски координатор на конференцијата истакна дека во повеќе сесии се отвораат теми и дискусии за актуелни проблеми што ги загрижуваат младите, но во кои тие можат многу да помогнат да се решат.

- Младите треба да се поддржат со контакти, дополнително знаење, кои ќе им помогнат тие да бидат лидери на промените во општеството што се случуваат, бидејќи младите се одраз на општеството во кое живееме. Веруваме дека со спојување на младите од Југоисточна Европа од 16-те земји, го зголемуваме импактот понатаму на повисоко ниво и младите се мултипликатори на резултатите кои произлегуваат од конференцијата, рече Арсовска.

Во текот на вчерашниот ден се дебатираше на тема „Од Југосфера да Еуросфера" со поранешниот претседател на Република Хрватска Стјепан Месиќ, а вчера попладнето младите и гостите експерти ја отворија темата "Начини за подобрување на транспарентноста и борбата против корупцијата во земјите од Југоисточна Европа". Меѓу медијаторите беа Јета Џара, директорка на БИРН Косово и Ленче Ристоска, портпарол на Специјалното јавно обвинителство во Македонија.

Според Ристоска, нема земја во која нема корупција, но прашање е колкава е општествената и политичката борба против корупцијата. Според неа, Македонија во борбата против корупцијата прави чекор напред.

Младите денеска на конференцијата ги покренаа темите за иновациите во образовниот систем, со примената на ИТ технологијата. Утре на последниот ден од конференцијата ќе се дебатира на темите „Младинската емиграција и одлив на мозоци" и „Глобална Британија и безбедноста и стабилноста во земјите од Југоисточна Европа", а гостин-соговорник ќе биде амбасадорот на Велика Британија Чарлс Едмунд Гарет.