Македонија
8. July 2026 - 16:31

Левица ќе се обиде да ги собере опозициските партии за Изборниот законик

Левица ќе иницира средба на опозициските партии во обид да се најде решение за Изборниот законик. Иако од партијата на Апасиев не се премногу оптимисти за исходот, велат дека од понеделник ќе ги контактираат останатите опозициски партии.

Иницијативата доаѓа откако вчера пропадна уште еден обид за постигнување сепартиски консензус за гласањето на дијаспората и изборниот модел. По неуспешните разговори, власта предложи опозицијата сама да се усогласи околу овие прашања, а потоа најави дека ќе го прифати договореното решение.

„За Левица, една изборна единица отсекогаш е програмска определба и е единствената суштинска реформа што ќе обезбеди Собрание кое пореално ќе ја отсликува волјата на граѓаните. Доколку ДПМНЕ навистина ќе го почитува договорот на опозициските партии околу изборниот модел, тогаш ги повикуваме сите опозициски партии да покажат политичка зрелост и јасно да застанат зад воведувањето на една изборна единица како суштинска демократска реформа“, порачаа од Левица.

Засега нема одговор од СДСМ, ДУИ и другите опозициски партии дали ќе се приклучат на ваква средба.

Од СДСМ и натаму тврдат дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за гласање на дијаспората од далечина – електронски или по пошта – отвора простор за изборни злоупотреби.

„Ја укина техничката Влада на сила и без консензус. Откако не му пројде моделот за електронско гласање на дијаспората, се обиде да протне нов модел за гласање по пошта – и повторно без никаква контрола и без да се гарантира волјата на граѓаните.

Проблемот е кај власта, кај Мицкоски, кој сака да манипулира со 200 илјади гласови. Реформската агенда ја користи само како изговор и алиби за сопствената неспособност да ги реализира обврските од евроинтеграцискиот процес“, соопштија од СДСМ.

Вчера со различни ставови излегоа и од албанската опозизција. За ДУИ е спорно гласањето на дијаспрата по пошта и тоа што ДИК подзаконскиот акт за тоа ќе може да го донесе со мнозинство гласови без консензус. Лигата на Села, пак, не прифаќа една и бара дури 8 изборни единици, отвореи листи и гласање на дијспоарата на сите видови избори.

И покрај неколкумесечните преговори, процесот останува блокиран со повеќе од 13 илјади амандмани, од кои најголем дел ги поднесе СДСМ.