Кои се пропустите на угостителските објекти: Засилени теренски контроли на МВР и инспекциските служби
Тезги со пиротехника, без продавачи. Полицајци денеска собрале 7.107 парчиња пиротехнички средства од три тезги на Битпазар, но кој ги продавал не се знае.
Средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава. Оваа акција на МВР е само една од повеќето во билтенот, кои засилено се реализираат во пресрет на новогодишниот период.
Викендов ситуацијата е мирна во угстителските објекти. Не се фатени малолетници по полноќ во дискотеките, што не беше случај минатата недела кога беа начекани 26 деца во угостителски објект во Свети Николи, а најголемиот број од нив биле и пијани.
„Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните во овој период на предновогодишни забави и семејни веселби, да не седнуваат зад воланот доколку конзумирале алкохол. Покрај системот Безбеден град, сообраќајните контроли и акциските контроли во угостителски објекти продолжуваат и во наредните денови. Апелираме да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заеднички да придонесеме за побезбедни патишта низ државата, изјави за Сител Гоце Андреевски“, портпарол на МВР.
Опремени ли се според закон угостителските објекти засилено проверуваат и од Дирекцијата за заштита и спасување. Во изминатиот месец казнети се 5 локали, чии газди ќе ги ослеснат новчаниците по 5.000 евра.
Последните резултати на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека во период од месец август до месец октомври во дејност Угостителство се извршени вкупно 475 инспекциски надзори. Донесени се вкупно 107 решенија. Издадени се вкупно 36 прекршочни платни налози и поднесени се вкупно 9 прекршочни пријави“.
Инспекторите на УЈП заклучно со ноември реализирале 4.000 контроли за регистрирање на готовински промет. Утврдено е дека секоја четврта фирма не издавала фискални сметки. Изречени се над 2.500 глоби, а за 113 даночни обврзници им ги запечатиле објектите.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
