Свет
8. August 2017 - 9:13

ОН ќе продолжат со потрага по хемиско оружје во Сирија

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го информира Советот за безбедност на Светската организација дека е планирано продолжување на проверката на објектите во Сирија во кои се претпоставува дека е складирано хемиско оружје. 

Според извештајот на Организацијата за забрана на хемиското оружје, со подобрување на безбедносната состојба во Сирија се создале услови експертите да ги проверат и последните два од 27-те објекти во кои сириските власти произведувале и складирале хемиско оружје.

Геренарлниот директор на Организацијата, Ахмет Узумчи информира дека се подготвуваат планови за инспекција со цел да се утври дали хемиското оружје на тие две локации е целосно уништено.

Гутереш во својот извештај до Советот за безбедност наведува дека и покрај досега извршените инспекции, Сирија „треба да одговори на серија прашања за нејзината програма за хемиско оружје“.

Сирија стана членка на Организацијата за забрана на хемиското оружје во текот на 2013 година, откако сириските власти беа обвинети дека извршиле напад со хемиско оружје врз цивилно население во реони под контрола на бунтовниците.