Катерина Зајковска предложена за член на Антикорупциска
Кандидатот за нов член на Антикорупциската комисија Катерина Зајковска ја доби поддршката на Комисијата за избори и именувања да биде избрана за позицијата. Како прворангирана по спроведените интервјуа со 90,67 поени, Комисијата за селекција оценила дека таа има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК.
Опозицијата реагира дека разликата меѓу прво и второрангираниот не е ниту еден процентен поен. Според нив вториот кандидат според ранг листата Милка Муратовска, е најсоодветна бидејќи поседува соодветно образование и квалификации за позицијата.
Зајковска и во моментов е вработена во Комисијата во секторот за финансирање на политичките партии и изборните кампањи. Конечната одлука за нејзин избор треба да помине на пленарна седница.
Зајковска треба да седне на местото на Цвета Ристова која си поднесе оставка од функцијата откако беше објавено дека фирма на нејзините деца добивале пари од политичка партија за маркетинг услуги во партиска кампања. Со изборот на новиот член треба да биде комплетиран актуелниот состав на Антикорупциска кој претрепе смена и на претседателската позиција по оставката на Татјана Димитровска откако Обвинителството поднесе обвинение против неа за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“ и компјутерски фалсификат.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
