ЈОРМ: Побарани мерки на претпазливост за доцентка од УГД осомничена за примање поткуп

Основното јавно обвинителство Штип поведе истражна постапка против 38-годишна доцентка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, осомничена за кривичното дело примање поткуп, а до судот достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за вршење работни активности на факултетот.
Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничената, жителка на Кочани, како лице кое врши работи од јавен интерес, директно за себе побарала парични средства за да изврши дејствие што не би смеела да го изврши.
Според наводите во соопштението, на 16 јуни, откако студент не покажал доволно знаење за да го положи испитот, таа не му впишала дека не го положил ниту во индексот ниту во електронскиот систем, туку побарала 300 евра за да му впише преодна оценка.
ЈОРМ наведува дека на 29 јуни, во нејзината канцеларија, осомничената ги примила парите од студентот, откако му дала инструкции да ги остави на помошна маса меѓу скрипта и лист бела хартија, по што во индексот му впишала оценка шест.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување повеќе мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, обврска осомничената да се јавува во судот, привремено одземање на патната исправа, забрана за приближување и воспоставување или одржување контакти со студентот, како и забрана за вршење работни активности на факултетот.
МИА
Ново на Сител
-

Приведен 40 годишник од Пробиштип кој со закани изнудил пари од 18-годишна девојка
-

СЗО предупреди дека случаите на рак на глобално ниво би можеле речиси да се удвојат до 2050 година
-

Кос, Јаневска и Сали во увид на реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“
-

Три случаи на семејно насилство во Штип, Свети Николе и Македонска Каменица
-

Сиљановска Давкова: Кредибилен партнер сме на НАТО, да се надмине лавиринтот на патот кон ЕУ
-

Вимблдон: Ѓоковиќ казнет поради недолично однесување
-

78-годишна жена пронајдена мртва во својот дом во Кисела Вода
-

Пронајден машки труп во река Пчиња кај Катлановска Бања
