Македонија
5. January 2017 - 13:52

Интензивни врнежи од снег во Источна Македонија

Во Источна Македонија од попладнево почнаа интензивни снежни врнежи. Техничкиот директор на регионалната подружница на ЈП „Македонија пат“- Штип, Кире Коцев вели дека екипите со механизацијата се на терен и патиштата низ источна и југоисточна Македонија се проодни, а сообраќајот се одвиваат по влажни коловози. Но, Коцев предупредува дека се можни одрони од карпи на неколку патни правци.

- Можни се одрони на делниците од Кочани спрема Делчево, како и Виница - Берово. Сега за сега немаме такви одрони и проблеми, но не значи дека ќе немаме. Се надевам дека ќе немаме бидејќи се најавуваат врнежи од снег во текот на ноќните часови, а исто така и утре, вели Коцев.

Тој истакна дека како регионална подружница се екипирани и имаат механизација, а ангажирани се и трети лица, односно фирми кои со нивна механизација помагаат во расчистување на снегот од коловозите и фрлање на абразивниот материјал.

- Што се однесува за абразивниот материјал имаме доволни количини, за неколку бранови, а ние продолжуваме и понатаму да набавуваме, сукцесивно како го трошиме, така и го набавуваме, рече Коцев.

Тој на возачите кои ќе патуваат по регионалните и магистрални патишта низ источна и југоисточна Македонија им препорачува да внимаваат на клисурите, како и на мостовите, бидејќи тие први се замрзнуваат, брзината да ја регулираат спрема условите на патот и да ја почитуваат патната и сообраќајан сигнализација.