Груби слушна за што го гони Обвинителството
Од прв вицепремиер до осомничен со лисици на рацете за проневера во службата.. Артан Груби денеска и лично слушна за што го сомничи Јавното обвинителство.. Според истрагата отворена пред повеќе од една година, постоел сомнеж дека поранешниот вицепремер, иако немал право, дозволил купување на апарати за коцкање.. За таквата набавка, Државната лотарија потрошила над 8 милиони евра, а според обвинителството, тоа е сумата за која Груби ја оштетил лотарија чиј сопственик е државата.. Намерата била „Државната лотарија“ самостојно да приредува игри на среќа, иако уште пред десетина години тоа право било дадено на приватна фирма..
„Иако знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државата, на 06.06.2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка“, наведува Јавното обвинителство..
Идејата за купување апарати за коцкање и самостојно организирање игри на среќа потекнала од тогашниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами.. И за него обвинителството смета дека сторил кривично дело, па го гони за проневера во службата.. Бајрами е се уште во бегство, а како што објаснува за Сител неговиот адвокат, истрагата за случајот не е затворена бидејќи требало и тој да е сослушан..
Според кривичното дело за кое се води истрагата, на двајцата им се закнува затворска казна, која не може да биде помала од четири години..
Инаку, досега Груби немаше свој став за случајот, откако во декември 2024 година дозна дека е под истрага, а полицијата не успеа да го најде во земјава, на фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и штом ги заврши обврските, веднаш ќе се врати дома..
Претходно, Груби се најде и на американската црна листа како лице вмешано во значителна корупција.. Заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети, според Стејт Департментот, прифатиле мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Мијалков..
Тогаш Груби преку фејсбук напиша дека е чист како солза..
За случајот со набaвката на апарати за коцкање, освен Груби и Бајрами, обвинителството води истрага за уште четири лица вработени во Државната лотарија..
За нив постоел сомнеж дека незаконски спровеле јавни повици за пренесување на правото за приредување игри на среќа и склучиле договори со четири фирми без да ги исполнуваат условите..
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
