Гостивар се уште без вода за пиење
Три последователни чисти тестови, ова е условот од кој надлежните не отстапуваат пред конечно да ја тргнат забраната за пиење на водата во Гостивар. Иако најавите беа дека до крајот на викендов гостиварци ќе добијат питка вода, сепак лабораториите детектираа нови бактерии во водоводниот систем поради предолгото стоење на водата во водоводните цевки, па е неизвесно се уште до кога ќе треба да чекаат граѓаните да ја користат водата за пиење и готвење.
„Сакаме да бидеме максимално сигурни пред да дозволиме водата да се употребува за пиење и подготовка за храна. Секој ден од повеќе места се земаат мостри. Не може да шпекулираме. Треба три соодветни теста од различни места за водата да биде ставена во употреба за пиење. Секој ден се прават анализи од девет кориснички места. Може да има еден несоодветен и да треба три нови теста од три нови дена.”
Вчера помош во гостиварските здравствени установи побарале 73 пациенти, додека претходниот беа пријавени 71 пациент. Според надлежните епидемијата стивнува, во споредба со пикот на епидемијата пред десетина дена кога дневно беа регистрирани над 600 пациенти.
Во Општа болница „Д-р Ферид Мурад" Гостивар се регистрирани вкупно 45 нови прегледи, од кои 26 на инфективно (со две нови хоспитализации) и 18 на педијатриското одделение. Во моментот се хоспитализирани по двајца пациенти на инфективно и на одделението за педијатрија.
Во Здравствени дом Гостивар се регистрирани 28 нови прегледи во дежурната служба, велат од здравство.
Од почетокот на кризата на средината на јули, досега над 4.000 граѓани побарале лекарска помош поради стомачни тегоби поврзани со загадената вода за пиење.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
